АРСИМ ЗЕКОЛИ БРУТАЛЕН КОН МРЗЕЛИВИТЕ РАБОТНИЦИ ВО ТЕЛЕВИЗИИТЕ : Интернет порталите се само комарци кои со своите боцкања ги потсетуваат мастодонските телевизии за нивната инертност, неинвентивност, незанимливост и политичко полтронство!

0
1573

Злокобниот звук на густи шуми и планински потоци околу питорескното гратче; алузивна црно-бела матурска слика на слаткеста девојка со златни локни; мистична воденица на граница со Канада и паралелни светои; скоцкан детектив-инспектор фанатично занесен по торти и “проклето добро кафе”; драматичен close-up на капка мармелад во слободен пад и силуетата на тетката со цепаница прегрната врз гради; морбидно-тажниот саундтрек на Анџело Бадаламенти. Генерацијата ми добро ги памети овие секвенци од Твин Пикс, можеби (ако не најдобрата) беспоговорно највлијателната и култна тв-серија која не држеше заковани и ужаснати во очекување да дознаеме – кој ја уби Лаура Палмер?

Очекувано, критиките се полни со суперлативи за старо-новото телевизиско шоу на магот Дејвид Линч, оценувајќи ја како апсолутно достојно (ако не и подобро)  продолжение на оригиналот серијал емитува во 90-те години од минатиот. И уште тогаш, пред 27 години ја доби пофалната етикета како серијал која ја врати телевизијата од застарените шеми, го исцрта правецот низ кој ќе се стави крај на доминацијата на кино-филмот и бллагодарение на технолошките иновации го врати интересот на гледачите кон телевизорот како тотемистичен објект околу кој се реди мебелот и собира семејството.

Враќањето на Твин Пикс на екраните не би го искористил како вовед во темата доколку не коинцидираше со уште една рунда серијални расправи за а) ставање ред во работата на електронските портали и б) улогата и битноста на мејнстрим медиумите како свети икони на одговорното новинарство. При што во секој случај, повлекувањето на паралела помеѓу Твин Пикс и денешните “полемики” за улогата на медиумите кај нас ме води кон заклучок дека ние сѐ уште немаме ни откриено дека Лаура Палмер (како симбол на истрошената, изглумена, парохијална невиност) е упокоена, завиена во чаршафи и фрлена крај река. 

„Општествено-политички работници“

Не сме 1990 веќе долги 26 години, не сме сакал-неќел залепени за 2-3 канали, ниту пак тетите Бранка Станковска и Сузана Каба ни ги читаат вестите по цртаниот и пред целовечерниот филм. Денес, изборот канали е безброен, боите на екраните се кристално чисти, студијата огромни, комплет со мега-екрани и форшшанови, камери, ефекти. А сепак се наликува како пресликано од стихот на Спрингстин за ”57 channels and nothing on” и заглавено во бескрвната и урнебесно смешна “сериозност” на овдешните “talking heads”.

Телевизијата веќе долго време не е омилениот медиум на интелектуалната каста и мислечките луѓе во бегство од феноменот на 24-часовна информацијска трка. И тоа е глобален феномен кон кој светот се обидува да се прилагоди преку непрекинат циклус на нудење нови пристапи и хуманизација на понудата по вкусот на публиката. За разлика од нас каде телевизијата (печатот е веќе мртов и со глогов колец осигуран од повампирување) е сѐ уште заложник на веќе излитениот ментален склоп  на ГлОдУри и новинари како “општествено-политички работници” кои сѐ уште љубат да се сметаат троа посериозно отколку што всушност се. Што е сосема поумерена и побенигна квалификација во споредба со впечатоците на обичните гледачи.

Нема сомнеж дека денешниот медиумски мејнстрим и “општествено политички работници” од старт ќе наведат барем 99 оправдувачки причини зошто-сето-тоа-е-така. Но без одговор за непријатната, последната, стота коснтатација дека нивната индиферентност кон конкуренцијата како фактор на утрка за публика ја цементира нивната “старо комунарна” филозофија на работел-не-работел на крај плата си земаш. Секако, третманот на публиката како строго контролирани про-партиски фан-групи донекаде го замаглува тој непријатен впечаток за овдешното мејнстрим новинарство, но недоволно за да ја прикрие реалноста евидентирана низ рејтинг мерењата за гледаноста. И таа состојба не само што нема да тргне кон подобро, туку ќе еволуира кон за нив пониски рејтинзи, а за јавноста повеќе причини да се вртат кон сателити и портали.

Мејнстрим новинарите можат да бараат забрана, цензура, контрола, октроирање, блокирање на порталите како нов медиумски феномен на современието. И со секое нивно барање од јавноста ќе бидат пречекани со саркастична пацка дека “на гнили мејнстримци, секој портал им смета.” Дека проблемот не е во појавата на новото, колку што е во излитеноста, стерилноста, предвидливоста и летаргичната концепција на мејнстрим медиуми во служба на партијата наместо на гледачот. Парадоксално, но очекувано, неволноста (повеќе отколку неспособноста) на менјстрим медиумите кон промена на приоритетите е движечката сила која уште повеќе ќе ја принудува јавноста  информацијата да ја побара на друго место. Впрочем, бесрамната и цинична трка на “општествено политички работници” кон владините јасли која уследи по “победата на демократијата и реформите” е сведоштво кое долго време ќе ја цементира скепсата кај гледачите додека преку екраните ги следат потресните  дрдорења на само-уважените новинарски бранители на слободата на јавно информирање. За тоа остсуство на професионалност и одговорност, порталите се најмалку виновни.

Никој, па ни јас, нема никаква заблуда за квалитетот и квантитетот на тнр. информативни портали кај нас и воопшто. Дури би рекол дека и самите сопственици на тие легла на пис-пера и морална поганштина немаат превисоко мислење за себе. Бројот на ликови кои (не)заслужено се изложени на напад, потсмев, навреда и болка од порталите е сега сигурно во астрономски височини. И затоа за нив не може и не треба да се има ниту најмали сипматии. Посебно не кога за грст денари (да беа барем евра) со нескриена вулгарност прифаќаат низ прсти да ги моделираат блуењата на наредбодавецот и пред нас ги сервираат како “информација”.

Порталите се тука за да останат

За нив никој совесен не може да има симпатии. Но секој жеден за промени е обврзан да ги подржи како нужно зло кое со своето постоење веќе наголемо ја загрозува наследената а незаслужена доминација на братството новинари чии имиња се познати не дотолку поради успесите на демократското информирање, колку поради умешноста да се биде прв до миропомазителното раче на следниот лидер на овдешата “демократија”. Апропо, втората причина е што демократијата не подразбира апсолутизам на позитивното и слаткото, туку толеранција на негативното и невкусното. А порталите се токму тоа, нов феномен како предмет на критика и омраза и презир. Но, и балетот своевремено бил сметан за понографија. И кубизмот бил сметан за дегенерација на уметноста. На тонскиот филм не му давале повеќе од година-две постоење, додека пак во раните денови на телевизијата тврдењето дека секое семејство ќе има сопствен телевизор предизвикувало хистерично смеење и подбивање.

Порталите, и покрај сите вреви и пизми, нема да заминат од овде, или каде било. Технологијата и љубопитноста се гаранти на таа реалност. Исто како што со тек на времето самиот процес на конкуренција ќе придонесе  голем број од нив да згаснат а другите живуркаат во својата гротескност. Но ниту нивното заминување, ниту преживување нема да ја излечат и решат болката на мејнстримот наречена – страв од вистински промени. Порталите се само комарци кои со своите боцкања ги потсетуваат мастодонските телевизии за нивната инертност, неинвентивност, незанимливост и политичко полтронство. Слично на појавата на пиратеријата во забавната индустрија како последица и коректив на нелогично високите цени на носачи на звук и слика, така и порталите се непријатен, но сосема нормален резултат на зголемената побарувачка за информации и редуцираната слобода на давање на истите. Дотолку повеќе што и порталите го сакаат истото како и нивните мејнстрим братучеди – пари, влијание, успех. Со тоа што за разлика од “почитуваните медиуми”, тие тоа не го кријат зад високопарни реторики за демократии и реформи и новинарски стандарди. Кои важат единствено додека се во опозиција.

Затоа зачудува што повиците за кастрење портали доаѓа токму сега кога, нели, ни дојде правдата и слободата. Како што врват работите и зборуваат „борците за слобода”, на крај ќе испадне дека процутот на слободниот збор ни се има случено за време на режимот, а задушено во време на демократијата. И тоа е лошата вест. Не дека ќе бидат затворени порталите. Туку дека самиот мејнстрим нема воља, нема сила ниту желба да се промени и прилагоди на новото време и публика и да стане попривлечен од овие темни објекти на неговата љубомора..

Арсим Зеколи, Дојче Веле