Апелација одби да ја тргне Поп Стефанија од одлучување за Јанкулоска

0
973

Апелацискиот суд Скопје ја одбил жалбата на Специјалното јавно обвинителство во врска со изземање на судија на претходна постапка која постапувала по предлог на обвинителството за определување мерки за обезбедување присуство, утврдувајќи дека Кривичниот суд правилно постапил. ­

„Постапувајќи по жалба на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) против решение на претседателот на Кривичниот суд, Апелацискиот суд Скопје, денеска, достави решение со кое жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а решението на првостепениот суд, за неприфаќање на барањето за изземање на судија на претходна постапка, се потврдува“, пишува во соопштението на скопскиот Кривичен суд.

СЈО на 23 јуни побара изземање на судијка на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 која постапувала по предлог на обвинителството за определување мерки за обезбедување присуство. Барањето од страна на првостепениот суд, како што се додава во соопштението, било одбиено по што СЈО поднело жалба до второстепениот суд, кој со горе наведеното решение утврдил дека Кривичниот суд правилно постапил и жалбата на СЈО ја одбил, а го потврдил решението на Основниот суд Скопје 1.

СЈО побара изземање на судијката Александра Поп-Стефанија од случајот „Тврдина“, а причината за барањето за изземање е конфликт на интереси, односно сопругот на судијката била вработен во општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино.