Анџелина Џоли денеска ќе го посети кампот кај Идомени

0
910

Холивудската актерка и амбасадор на добра волја на Обединетите нации, Анџелина Џоли, денеска ќе го посети бегалскиот камп во Идомени за да ја увиди ситуацијата и условите во кои живеат повеќе од 10.000 бегалци, пренесе Мета.

Џоли се очекува да пристигне во кампот околу 15 часот по локално време. Првично се очекуваше таа да оди во посета на островот Лезбос, каде има најголем дел од бегалците што пристигнуваат директно од Турција во Грција, меѓутоа во последен момент плановите се сменија и таа ќе замине за Идомени.

Според грчкото координативно тело, до утрово се регистрирани 43.407 бегалци низ целата држава заедно со островите. Најголем број од бегалците се во Северна Грција – вкупно 21.575 ,од кои 10.500 се регистрирани во кампот во Идомени.

На островите, пак, има 8.648 бегалци, од кои 4.788 се на Лезбос. Во Атина и во нејзината околина има речиси 12.000 бегалци.

На крајот на септември минатата година, бегалците на македонско-грчката граница ги посети и познатиот актер Орландо Блум, кој, исто така, е амбасадор на добра волја на ОН. Од македонската страна на границата, со мигрантите во прифатниот камп во Гевгелија тој разговараше за нивниот пат, за проблемите во нивните татковини, а особено за децата што минуваат илјадници километри за да стигнат до Западна Европа.