Анкета на ЦИВИЛ: Голема поддршка за „Шарената револуција“

0
1240

Дали ги поддржувате протестите на „Шарената револуција“? На првото прашање од онлајн анкетата „Протести во Македонија – решение или продлабочување на кризата“ на ЦИВИЛ – Центар за слобода, 83,40% одговориле дека целосно ги поддржуваат протестите, а 9,31% од анкетираните одговориле дека воопшто не ја поддржуваат „Шарената револуција“.
Онлајн анкетата се спроведе во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ во период од до 5 мај, а од добиените резултати го детектиравме ставот на граѓанките и граѓаните за протестите и контра протестите, нивното дејствување и организација, како и влијанието врз политичката криза во Македонија и можноста за слободни избори.

Во онлајн анкетата учествуваа 741 испитаници кои одговараа на 10 прашања.

Барањата на демонстрантите на „Шарената револуција“ ги знаат 85,70%, а ги поддржуваат 83, 27% од анкетираните. Ефектот на шаренилото, демонстрантите го постигнаа со гаѓање со боја и јајца по склуптурите од проектот „Скопје 2014“. Дури 75,57% ја оправдуваат ваквата акција на демонстрантите, а 16,87% не се согласуваат со ваквиот начин на изразување револт.

Сепак, на прашањето кој ги организира протестите, од вкупниот број на учесници во анкетата, постои поделено мислење. Разликата е 0,53% меѓу оние кои сметаат дека „Шарената револуција“ е организирана од граѓанските организации(42,65%) и оние кои се сигурни дека организациската структура на протестите ја сочинува опозицијата(43,18%).

Собирите или контра протестите на ГДОМ целосно не ги поддржуваат 82,59% од вкупниот број на испитаници, сепак 53,17% од нив се запознаени со нивните барања и високи 87,31% не ги поддржуваат нивните барања за привремена забрана на партиите и невладините организации кои ја поддржуваат „Шарената револуција“.

Дури 83,54% од анкетираните се сигурни дека партијата на власт ги организира контра протестите на ГДОМ.

На прашањето „Дали сметате дека протестите на граѓаните придонесуваат за разрешница на кризата и спроведување на слободни избори?“, 80,03% од анкетираните сметаат дека протестите се единственото решение.

Проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ е финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.