Ангелов стана национален координатор на премиерот Заев за припадниците на безбедносните сили

0
1135

Премиерот Зоран Заев доби нов советник. Генералот Стојанче Ангелов од денеска е национален координатор за припадниците на безбедносните сили. Во изјавата за МКД.мк Ангелов вели дека тој и натаму продолжува да ги брани интересите на безбедносните сили, вклучувајќи ги тука и бранитеите. Ангелов вели дека оваа нова работна задача ќе ја извршува без надомест, а останува на работа во воздухопловната агенција М-НАВ.

„Јас ќе работам на подобра координација меѓу Владата и припадниците на безбедносните сили. Моите професионани ангажмани во М-НАВ остануваат. Целта останува иста – заштита на интересите на бранителоте, на оние припадници на безбедносните сили кои крвареа за татковината, во заштита на интересите на сите македонски борци кои беа подготвени да го дадат својот живот за Македонија“, вели Ангелов.

Тој е претседател на партијата на бранителите Достоинство. Ангелов до пред еден месец беше на работа во МВР, а поради тоа што сака да продолжи со својот политички ангажман даде оставка во полицијата и се вработи во М-НАВ.

„Бидејќи Законот за полиција им забранува на полициските службници да раководат со политичка партија, во договор со раководството на Достоинство одлучив да излезам надвор од МВР и мојата професионална кариера да ја продолжам на друго работно место кое нема да биде во судир со мојот планиран политички ангажман. Му благодарам на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата една година“, напиша тогаш Ангелов.

Тој сега работи како советник за воздухопловна техника во македонската контрола на летање М-НАВ.

Генералот Ангелов пред враќањето во Македонија работеше на обезбедување на бродoви кои плоева во водите на Сомалија и во големи корпорации во Ирак. За време на конфликтот во 2001 година Ангелов беше еден од командантите на македонските бранители.