Ангела Меркел во Минхен им се поклони на Заев и Ципрас, им даде награда за договорот од Преспа

0
1077

Германската канцеларка Ангела Меркел им одаде признание на премиерите на Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на храброста да постигнат договор и да го надминат повеќедеценискиот спор за името и со тоа  да ѝ овозможат на Северна Македонија влез во НАТО.

„Во секој конфликт е можно да се пронајде решение ако се покаже храброст“, наведе канцеларката за време на обраќањето на Минхенската безбедносна конференција. Освен тоа таа истакна оти НАТО ѝ е потеребен на Европа како гаранција за безбедност, но и како столб на заеднички вредности кои ги споделуваат членките.

MSC München Angela Merkel (Reuters/A. Gebert)

Германската канцеларка  во Минхен истакна и оти укинувањето на Договорот за нуклеарните проектили од среден дострел (ИНФ) е лоша работа, но и пример како за европската безбедност одлучуваат други земји.

„Укинувањето на ИНФ е лоша вест, иако по повеќегодишното руско кршење на договорот, но интересно е оти станува збор за договор за разоружување кој е најважен за европската безбедност, а го укинаа САД и Русија“, рече Меркел во на безбедносната конференција.

Таа наведе дека разоружувањето е тема на која треба да се фокусира целиот свет и ја повика Кина и другите сили да се вклучат.

Зборувајќи за меѓузависноста, германската канцеларка наведе дека денешните меѓународни структури се настанати како последица на Втората светска војна и сега се наоѓаат под притисок.

„Денешните предизвици бараат да ги реформираме постоечките структури, но не можеме да ги уништиме“, наведе Меркел.