Ана Ингилизова е докторката која работела без лиценца во гинеколошкото одделение во прилепската болница, Петар Ристески – Пеката е ВД директорот кој исплаќал незаконски плата на Ингилизова!

0
3246
Инспекторите утврдиле дека во периодот од 14.3.2011 година, заклучно со 19.9.2011 година, кога од деловни причини ѝ престанал работниот однос, Ингилизова била вработена во ЈЗУ Здравствен дом Скопје на работното место доктор по медицина

Вонредниот инспекциски надзор од областа на работните односи во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп, кој го изврши Државниот инспекторат за труд, на виделина исфрли скандалозни сознанија.

Предмет на инспекцискиот надзор била законитоста на вработувањето на д-р Ана Ингилизова, како и нејзиното присуство на работното место.

Од увидот во обемната документација инспекторите ја утврдиле фактичката состојба, според која, во периодот од 14.3.2011, заклучно со 19.9.2011 година, кога од деловни причини ѝ престанал работниот однос, Ингилизова била вработена во ЈЗУ Здравствен дом Скопје на работното место доктор по медицина. Веќе следниот ден, на 20.9.2011 година, со преземање на работникот без огласување на работно место доктор по медицина, д-р Ингилизова заснова работен однос во прилепската болница.

Меѓутоа, од причина што во персоналното досие не постоела спогодба за преземање на работникот, инспекторите утврдиле дека работниот однос бил заснован без да биде донесен акт со кој се врши преземањето и дека во моментот на засновање на работниот однос работодавачот ја немал правната основа за реализирање на вработувањето.

Она што инспекторите за труд го утврдиле врз основа на важноста на лиценцата за работа која д-р Ингилизова требало да ја поседува, во најмала рака е скандалозно:

„Утврдено е дека лиценцата за работа на работничката била со важност до 06.03.2016 година и во моментот на надзорот работничката нема важечка лиценца и покрај тоа што согласно чл. 7 од Законот за здравствена заштита и актот за систематизација на работодавачот, лиценцата е услов за извршување на работните обврски“.

Лекарката го раскинала Договорот за специјализација

Со одлука на Управниот одбор на болницата од 31.12.2012 г., д-р Ингилизова се упатува на специјализација по гинекологија и акушерство, за што бил склучен посебен договор за регулирање на правата помеѓу работникот и работодавачот во текот и после завршувањето на специјализацијата. По таа основа, на 1.3.2013 г. бил склучен анекс на договорот за вработување со кој д-р Ингилизова била распоредена во Одделението за гинекологија и акушерство.

На барање на лекарката, на 6.9.2013 г. договорот помеѓу прилепската Општа болница и Медицинскиот факултет бил раскинат, а обврските од Договорот од страна на работодавачот биле целосно подмирени. Меѓутоа, после извршениот надзор било утврдено дека д-р Ингилизова не ги подмирила трошоците направени за време на специјализацијата и покрај тоа што Управниот одбор на болницата донел таква одлука. Со писмен допис од 28.10.2016 година, д-р Ингилизова била повикана, како што стои во дописот, „во разумен рок“ да изврши исплата на средствата и со тоа да ги подмири обврските кон ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп, чија вкупна сума согласно чл. 7 од Договорот изнесува 101.600 евра. Испратениот допис до д-р Ингилизова го потпишал в.д. директорот на болницата д-р Петар Ристески.

Директорот им исплаќал плата и на лица што не оделе на работа 

Од увидот во евиденцијата на работното време која работодавачот е должен да ја води во електронска форма, инспекторите утврдиле дека таква евиденција за д-р Ингилизова не се водела, и тоа за целиот период за кој Државниот инспекторат за труд го вршел надзорот, заклучно со 04.08.2017 година. Бидејќи тоа е спротивно на чл. 116 ст. 7 од Законот за работни односи, на работодавачот, односно на доскорешниот директор Петар Ристески му била изречена парична казна во висина од 810 евра.

Но тоа не е крај на сите неправилности што ги пронашле инспекторите. Од увидот во пресметките за плата за наведениот период било утврдено дека за одредени денови кога не доаѓала на работа, д-р Ингилизова го оправдала отсуството врз основа на спреченост заради болест.

„Часовите кога работничката отсуствувала од работа работодавачот ги навел како часови од ефективна работа и за истите ѝ исплатил плата врз основа на одработени часови, што е спротивно на законските одредби, со што сторил повреда на чл. 105 ст. 1 од Законот за работни односи“, пишува во заклучокот изготвен од Државниот инспекторат за труд.

Во прилог на наведеното се и изјавите на двајца лекари специјалисти гинеколози, меѓу кои и раководителот на Одделението за гинекологија и акушерство при Општата болница во Прилеп, кои потврдиле дека во периодот за кој на д-р Ингилизова ѝ била исплаќана плата, таа воопшто не доаѓала на работа.

Кривични пријави

Врз основа на констатираните заклучоци на Министерството за труд и социјална политика, односно на Државниот инспекторат за труд – подрачје Битола, како и на друга документација поврзана со случајот, прилепскиот адвокат Жарко Стеваноски до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, поднесе кривична пријава против д-р Петар Ристески, против д-р Ана Ингилизова, против Агенцијата за вработување Прилеп, како и против други службени лица вработени во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп, за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „надрилекарство“ и за други кривични дела по оценка на Јавниот обвинител.

Од друга страна, на прес-конференцијата која деновиве беше одржана во прилепската болница, раководителката на стручни служби д-р Гордана Антулеска-Белческа изнесе повеќе податоци поврзани со работата на претходното раководство на болницата. Притоа беше речено дека по смената на в.д. директорот д-р Петар Ристески, на болницата ѝ останал долг од 90 милиони денари, 563 истории на пациенти со ненаплатена партиципација во вредност од 500 илјади денари, како и ненаплатени приватни истории со кои болницата била дополнително оштетена за 140 илјади денари.

Доскорешниот прв човек на прилепската болница д-р Петар Ристески е актуелен координатор на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и носител на кандидатската листа за членови на Советот на Општина Прилеп за претстојните локални избори.

Пишува : Зоран Милошески

Извор : СлободенПечат