Американската Комисија за хартии од вредност предупредува да не се заплашува Богоески

0
1264

Американската Комисија за хартии од вредност испратила писмо со кое известува дека не смее да се врши притисок врз лица кои се јавуваат како сведоци во судски постапки во САД. Повод: тужбата на Ахмети и Џафери, информира Дојче веле.

Поранешниот разузнувач Слободан Богоевски треба да добие заштита поради својството на сведок кое го има во судската постапка која се води во САД против поранешните водечки функционери на „Маѓар Телеком“. Писмо со вакво известување испратила Американската Комисија за хартии од вредност (СЕК) откако Богоевски беше тужен од страна на првите на луѓе на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери кои во сведочењето на ексразузнавачот препознале елементи на клевета.

Во август минатата година, СЕК го отвори за јавноста исказот на Богоевски даден во рамки на постапката која се води против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар Телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи пред судот во Њујорк. Во него, Богоевски меѓудругото тврди дека двајцата високи функционери на ДУИ примиле мито од „Маѓар Телеком“ од по 2,5 милиони евра.

Ахмети и Џафери тужеа поради ваквото тврдење и бараат отштета од 90 илјади евра. Рочиштето во Основниот суд Скопје 2 денеска беше одложено бидејќи не биле испочитувани роковите за одговор на тужбата.

Богоески се закани со контра-тужба против Ахмети и Џафери доколку не ја отфрлат тужбата, оценувајќи ја истата како обид за „амортизација“ на неговото сведочење во Њујорк.

„Самата тужба за клевета за исказ даден во судска постапка не е дозволена, тоа добро го знаат и тие и нивните полномошници. И според американското и според нашето законодавство тоа е казниво според кривичниот законик, казниво влијание врз сведоци во судска постапка. Ако не биде отфрлена веднаш ќе процесуирам кривична постапка против подносителите и сите што учествуваат во оваа постапка. Не можете да тужите никого за навреда и клевета за исказ даден во судска постапка“ изјави Богоески.

Инаку, една од клучните причини за отворањето на сведочењето на Богоески во Њујорк за јавноста беше заминувањето на Сашо Мијалков од раководната функција во УБК во мај 2015 година.

„Како резултат на последните политички случувања во Македонија одредени високи владини функционери се сменети од функцијата, вклучително и шефот на Државната безбедност, за кого сведокот стравуваше дека ќе сака да се одмазди поради неговото сведочење“, се наведува во образложението на СЕК поднесено во судот во Њујорк, во август минатата година.

Богоески во изминативе денови повторно беше актуелен во македонската јавност со серија контроверзни изјави во кои изрече обвинувања на сметка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и кон актуелни и поранешни државни функционери.