„Алкалоид“ лани со раст на продажбата и нето добивката, инвестиции и 157 нови вработувања

0
986

,,Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – декември 2016 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Од компанијата соопштија дека според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември, продажбите достигнуваат 6.418.580.770 денари, што е за 7 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.208.748.918 денари, бележи зголемување од околу 13 отсо, додека единечната нето добивка изнесува 704.269.882 денари и е зголемена за 9 отсто.

Во периодот јануари – декември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 8.292.770.038 денари, што е за 6 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 3 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 8 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 40 отсто се остварени на домашен пазар, додека 60 отсто се остварени на странски пазари.

Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 17 отсто и на останатите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: САД раст од 30 отсто, Русија раст од 15 отсто, Романија раст од 63 отсто, Словенија раст од 13 отсто, Полска раст од 141 отсто, Велика Британија раст од 125 отсто, Унгарија раст од 135 отсто, Турција раст од 72 отсто, Чешка раст од 122 отсто, Албанија раст од 47 отсто итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 83 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 19 отсто, кардиолошките препарати со 17 отсто, невролошките препарати со 13 отсто, антибиотиците заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 17 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 3 отсто, козметика со 10 отсто и билкарство учествува со 4 отсто.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.296.423.420 денари бележи раст од 12 отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 731.818.674 денари е зголемена за 10 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2016 година изнесуваат 712.282.757 денари.

Во периодот јануари – декември 2016 година во Алкалоид се реализирани 157 нови вработувања во Република Македонија, стои во соопштението од компанијата.