Ако нема заеднички закон за „бомбите“, Талат Џафери повторно ќе го поднесе истиот

0
1367

talat1

Aко до 20 октомври не се донесе заеднички закон за „бомбите“, Талат Џафери повторно ќе го поднесе својот закон во собраниска процедура, а целосна поддршка ќе има од коордираторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, информираше денеска пратеникот Илија Димовски, јавува „Мета“.

Претставниците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, негираат дека се виновни за застојот во работата на работните групи. Од партијата брифираат дека од 80 до 90 отсто од прашањата за медиумите, а поврзани со изборната регулатива, се затворени и останува да се прецизираат.

Според нив, сегашниот избирачки список е добар, но велат дека ќе ги прифатат сите предлози поврзани со списокот што доаѓаат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека откако СДСМ се откажал од предлогот за активна регистрација на гласачите, дале предлог списокот да се прочистува со вмрежување на податоците од сите институции. Оттаму велат дека исто така имало и предлог за теренско прочистување на списокот, но, како што брифираат од партијата, СДСМ не биле доволно јасни дали станува збор за целосна теренска проверка на избирачкиот список.

Од владејачката партија велат дека СДСМ свесно даваат предлог со кој нема да се постигнат никакви резултати и нема да има никакви промени од списокот.

Но, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе значи дека досегашниот избирачки список бил добар. Од партијата на власт велат дека допрва ќе треба да се изработи методологија што ќе се прави ако некој гласач се појавува во избирачкиот список од институциите, а го нема на терен и обратно.

Во однос на гласањето на дијаспората, ВМРО-ДПМНЕ има став дека сè треба да остане како досега, односно да има тројца пратеници од дијаспората. Оттаму велат дека СДСМ предложиле да има гласање, но да нема пратеници. ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да има мнозински изборен систем.

Од партијата потврдуваат дека сè уште не е договорено одлучувањето по жалбите во ДИК. Најспорен е предлогот со кој се овозможува еден или двајца луѓе да ја блокираат работата на ДИК. Од ВМРО-ДПМНЕ не кажаа дали очекуваат меѓународната заедница утре да достави свој предлог-закон, а велат дека можно е другите партии да имаат договор за дијспората и за изборачкиот список, за што од ВМРО-ДПМНЕ не биле консултирани.