(Авто)политизација или на спомениците не треба да им се верува (2)

0
1243

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (2)

4.

Нема особена смисла да се продолжува шарлатанската приказна за Херострат и храмот на Артемида во контекстот на нашиот обид за ничкосување на ступиднион огаќен Прометеј, укотвен точно пред Собранието на РМ. Можеби љубителите на загатки и мистерии ќе сакаат да знаат дека Херострат го запалил храмот токму ноќта помеѓу 20 и 21 јули 356 пр.н.е., илити кога се родил „нашиот“ Александар, потоа наречен Македонски односно Велики. И Плутарх вели дека божицата Артемида била презафатена со тоа раѓање, наместо да си го брани храмот во Ефес! Слична будалаштина, ако не и поголема, е и споредбата на нашиот „случај“ со чартистичкото движење во Англија (19 век) и нивното уништување на машините (sic!), како што не’ подучува шутракон Сарајлија, или пак „поентирањето“ со спомнувањето на Сталин, Пол Пот и слични садисти. Или, ако сакате, каква врска има „… познатото Сталиново уништување на повеќе од 30.000 цркви во Русија …“, за кои што Сарајлија наш е подеднакво загрижен колку и за ланскиот снег? Или тоа треба да ни сугерира впечаток дека „Шарената револуција“ уништувала свети објекти од типот на огаќениот Прометеј? Инаку, апропо светоста, нашиов тупак не верувам дека знае дека апостол Павле, во неговото обраќање до Коринтјаните, а по повод палежот на храмот на Артемида во Ефес, напишал: „Ако некој уништи Божји храм, Бог ќе го уништи него; бидејќи Божјиот храм е свет, и вие сте тој храм“ (1 Коринтјани 3:17)[1]! Или навистина во „нашион“ Прометеј некој, па нека е и само една партиска врхушка, гледа нешто друго, да не речам свето? Можеби, но за тоа во некое друго продолжение.

5.

Подеднакво глупаво би било да се прават какви и да се анализи на спомнувањето на Пол Пот и кмерскиот режим во контекстот на уривањето на Прометеј. Прво, зашто нашион беден мегафон навистина нема појма што говори и мисли дека со такви бомбастични изјави ќе импресионира некој друг освен неговите полуписмени газди. И второ, Пол Пот навистина бил масовен убиец, нешто од форматот на Аце Македонски, и успеал буквално да девастира цела една земја, нешто слично на нашиот локален бандит, инаку газда на уметничево. Дури, можат да се бараат и други сличности, на пример „владеењето на правото беше напуштено за да биде заменето со владеење на насилство …“[2], итн.! Ама сепак, Пот не може да биде обвинет дека уништувал културно наследство (како, на пример, нашиов пастир!). Поточно, Пол Пот посебно го заштитувал непроценливиот по вредност комплекс Ангкор ват и другите храмови, не само заради тоа што бил(е) наследство од некогашните Кмери на кои што и тој се повикувал, туку и заради тоа што „овие објекти имале корисен националистички симболизам со кој што луѓето се поврзувале со режимот“[3]! Звучи познато, нели?

6.

За живо чудо, самиот автор на Споменикот на паднатите херои бил прилично поинспириран и, дури и несвесно, во дадениот миг „побистар“ во (приближното) лоцирање на „проблемот“. На страна од неговата „длабока револтираност“ и „згрозеност“, и Аџиевски се обидува да манипулира со звучни имиња од форматот на уривањето на споменици на Ленин, па Садам Хусеин и слично, како впрочем и незибежните компарации со екс-Југославија односно, како што вели, „немам слушнато дека вакво нешто се случувало во поранешна Југославија, не знам што се’ се урнало за времето на војната“[4]. Се разбира, тоа е типичниот македонски синдром: тоа што не го знаеме, или не сме слушнале – не постои! Притоа, неговото незнаење оди дотаму што тој тврди дека „ова е првпат во историја на Република Македонија да се случи обид за уривање на уметничко дело“. Бреее, и тоа баш неговото („вонвременско“) „уметничко“ дело, класифицирано како спомен-обележје, ама викано „Споменик на паднатите херои“.

Претпоставувам дека незнајковците од негов тип не ја сметаат архитектурата за уметност, ама некогашниот објект на ЦК СКМ на архитектот Муличковски, којшто неговава влада едноставно го збриша од лицето на Скопје, беше (и) – уметничко дело! Како што тоа е и Градскиот трговски центар на Живко Поповски, којшто е следен на листата на вандаливе кои му го финансираа спомен-обележјето што „гордо“ се вика – споменик! Или, на пример, мора ли уметничкото дело да биде спомен-обележје што се вика споменик па обидот за негово отстранување толку да ги возбуди барокољубниве газ(д)олики македонски уметници? Зашто, ниту еден од нив, особено не овие двајца шарлатани, не реагираа кога беа отстранувани уметничките дела во јавен простор на „ОПА“, па на Ирена Паскали, па кога беше искинат плакатот со делото на Атанас Ботев, итн. А можат малку да прошетаат и низ земјава – белки толку заработија од нивното слугување – па да видат во каква состојба е „Споменикот на паднатите борци“ во Белчишта, па на што личеше до неодамна „Споменикот на Слободата“ на Вардарски рид (сега во Мрзенци) … и редица други низ Македонија. А, можеби, овие двајца знаат и што се случи, каде исчезна „Споменикот на паднатите борци“ кај Камениот мост, од левата страна на Вардар? И вака, се разбира, би можеле до недоглед! Зашто прилично богато е досието на овие бараби на власт токму во споменичката област.

7.

Но, „револтираниот“ уметник дури и не разбира во каква констелација го стават неговиот споменик споредбите што самиот ги прави со спомениците на Ленин или Садам Хусеин. Уште помалку може да ги согледа хоризонтите што ги отвора неговата „загрижена“ констатација дека обидот за уривање на дел од неговото спомен-обележје наречено споменик е „политички мотивирано и не случајно се концентрирале на скулптурата Прометеј“. Иако и ова е подметнување на исполитизирано кукавичко јајце, обидот за насилното справување со огаќениот Прометеј секако има и политички, но пред се’ има граѓански, естетски, културолшки, морални и други мотиви!

[1] Mark Wilson, Destroying a Temple, Bible history daily, 07/24/2013

[2] Henri Locard, State Violence in Democratic Kampuchea (1975-1979) and Retribution 1979-2004), European Review of History—Revue europeenne d’Histoire, Vol. 12, No. 1, March 2005, pp.121–143

[3] Robert Bevan, The Destruction of Memory: Architecture at War, Reaktion, 2006

[4] Бранко Ѓорѓевски, „Прометеј“ го уриваат вандали зад кои стојат тројца идеолози, (разговор со Томе Аџиевски), Дневник, 22.06.2016

Златко Теодосиевски

Извор