Ширење на синдромот

0
1232

НПЛ (4)

11.

Проблемот на нашето општество е необразованоста, некултурата, неинформираноста, простотилакот, непристојноста … И тој проблем не е од вчера. Само навидум „… Пристојноста во македонското општество се загуби со подемот на демократијата“, како што вели проф. Малески. Таа била тука и порано, ама притаена, скриена, и си го чекала мигот. Зашто волку непристојност, волку простотилак, не се појавува од никаде. И не мислам дека тоа има врска со демократијата, зашто кај нас ниту имало ни има демократија во вистинската смисла на зборот. Оттука, немало ни подем на истата, што пак би ја потиснала, или затскрила пристојноста. Тоа само ние сака(в)ме така да си мислиме, за да не ни биде уште потешко. Ова е сепак Балкан, во најгрдата смисла на зборот, и не го перат ни најинвентивните оправдувања на (Марија) Тодорова!

Затоа и мислам дека оние 69% на Лилето-на-тато-Блаже, во коишто и таа и нејзините недозреани сега сакаат здушно да се вбројат, немаат голема врска со реалноста. За жал. Мислам дека тој процент е далеку, далеку помал, дури и со зелените! И не можеме сега да се чудиме, после толку години, како било можно ова или како било можно она, бидејќи сѐ што ни се случува е резултат токму на необразованоста, некултурата, неинформираноста, простотилакот, непристојноста … а главни перјаници на процесот беа токму – медиумите. И тоа е веќе ноторен факт којшто токму истите медиуми толку настојчиво се обидуваат да го негираат.

12.

Е сега, колкав процент од оние 31% се верни гледачи и читачи (иако тука бројките се помали зашто ние, во принцип, не читаме!) на таквите медиуми? И дали нема такви и меѓу оние 69% наводно „нормални“? И колкав процент од обете групи уживаа(т) во бескрупулозното разнебитување на реалноста, на објективноста, на информацијата како таква … односно, како што прашува Геровски, колкав е процентот на оние кои уживаа(т) во претворањето на тие медиуми во „… оружје за политичко убиство во живо“?

Не мислам дека сите треба да мислат исто, уште помалку да известуваат идентично за нештата, па дури и (по малку) да не навиваат за (условно) својата (не само политичка) опција. Ама, тотално да ја задушиш вистината, да создаваш целосно поинаква реалност што секојдневно ќе му ја пласираш на народот зашто власта дебело те плаќа за тоа, па згора „мадам Шуф“ тоест Ивончето да ти држи кај бурекџијана предавање за медиумите – е тоа е перверзија. Од голем маштаб! Она што ние можеме да прашаме е: дали, и колку, луѓето што ги гледаат / читаат овие медиуми, веруваат во тоа што го гледаат и читаат, и зошто? Ама тука веќе би навлегле во полето на социосемиотиката!

Но, она што, всушност, би требало да е најбитно, не се процентите (31% со НПЛ наспроти 69% „нормални“, или 40-50% политички неопределени, или …) туку какво влијание во праксата, во реалноста, имаат „пораките“ пренесувани преку т.н. куртон-медиуми? Односно, дали навистина тие имаа(т) толкаво влијание во јавноста, дали синдромот на „нарцисоидно пореметени личности“ од којшто (и) тие се очигледно зафатени – мислам дека тука веќе нема дилеми – успеваат да го пренесат на голем (и колкав?) дел од локалната популација?

13.

За жал, ниту тоа не може кај нас да се измери. Прво, силата на политичките „пораки“ (ако нивната црна пропаганда воопшто може да се подведе под тој поим) пласирани преку медиумите, па и преку нашиве „медиуми“, се мери само и исклучиво на – избори. Како што, впрочем, успешната кампања (преку „пораки“) во маркетингот се мери според зголемувањето на продажбата на конкретниот производ. Значи, дали изборните победи на циркузантиве се резултат на кампањата на куртон-медиумите? Се разбира – не, како што не се ни резултат на нивната политичка понуда. Т.н. бомби покажаа како кај нас се добивале изборите! Што ќе рече дека лаењето на хохштаплериве во куртон-медиумите ниту е многу битно, уште помалку е пресудно. И тоа политичките циркузанти од власта одлично го знаеле, па прибегнувале кон други средства и методи за добивање на изборите.

Со ова не мислам да кажам дека влијанието на нашиве „медиуми“ во ширењето на синдромот на „нарцисоидно пореметени личности“ и во „кражбата на мислењето“ било никакво, но не било најбитно! Побитна, би рекол, била нивната улога во спречувањето на противникот да го каже своето мислење, својот став и програмски определби, својата идеологија. Односно, овие „медиуми“, како што извонредно се покажува денес дури и со оние малубројни настапи на опозицијата, одлично ја одиграле улогата на брана против другото мислење! И тука формулацијата на Заев за овие медиуми како политички непријатели е апсолутно издржана!

14.

Но, за да поцелосно се согледа улогата на грото на македонските медиуми во нашата катаклизма, не се доволни паушални оценки. Зашто, на пример, семиотичките модели на комуникацијата инсистираат на комплексно согледување на меѓучовечката комуникација. Тие (моделите) се „фокусираат на начинот на кој културните значења се произведени, кој ги произведува и на процесите на производството на значењето. Тие посветуваат подеднакво внимание на структурите во кои значењата се консумираат, на консументите и на процесите на консумирање на значењето. Над сѐ тие инсистираат на согледувањето на тоталитетот на структурите, на целиот систем и на интерконективноста на процесите“,(Kress, 1988:11)! Значењето на „пораките“ пренесувани преку медиумите не е апсолутно, ниту пак е интринсично на содржината, туку е моделирано од интеракцијата помеѓу восприемачот / консументот и содржината („текстот“). Улогата на восприемачот / консументот не е исклучиво пасивна (како што обично се мисли), туку комуникацијата е согледана како генерирање на значења низ процес на размена.

Е сега, токму „активата“ на консументот ја определува наклонетоста на оние 31% или колку веќе се кон т.н. куртон-медиуми кај нас. Нивниот процес на размена на значења се одвива на едно просто рамниште и тие одлично се разбираат. Очигледно е: овде станува збор за целосно исти или слични кодови на мислење, однесување и кодови на читање на пораките! Или, слушајте им го вокабуларот, гледајте им го однесувањето, гестовите, дрес кодот ако сакате … сето тоа упатува на НПЛ синдромот и на одлично меѓусебно разбирање. Ним не им треба декодирање на пораките, тоа е заеднички близок, веќе усвоен јазик!

И, извинете, ама одамна ми е преку глава од типови како оној Горан Михајловски кои еве, сега, на зајдисонце и демек освестен откако го шутнаа, го менуваат јазикот и ни порачуваат: „Да, грозно е. Ама згрозувањето не е доволно. И прашањето е што ќе направиш ти за ова зло да не се повтори. Не само како гледач на телевизија. Туку како гласач на кој може ’ливче да му снема’“. Е па стварно е грозно!

 

(Преземено од Теодосиевски уметност)