Членови на УПОЗ: Ташевска Ременски да не го потпишува решението за нов мандат на Грујовски

0
1177

Членови на УПОЗ кои сметаат дека реизборот на Пецо Грујовски за претседател на оваа синдикална организација е нелегитимен денеска повторно од министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски побараа да не го потпише решението за запишување во регистарот на синдикати на негов нов мандат.

Тие изразија и незадоволство што вчера министерката, иако им закажала состанок во Министерството, не се сретнала со нив, туку ги примиле шефот на кабинет Јована Тренчевска и Мила Царовска.

– На состанокот бевме информирани дека дописот кој го испративме официјално  до министерката Фросина Ташевска Ременски уште на 9 декември, кој уредно е заверен и предаден во архивата на Министерството за труд и социјална политика, а со  кој ја известуваме министерката за целата незаконска постапка која ја спроведува лицето Пецо Грујовски во Синдикатот на УПОЗ, со непочитувањето на Статутот на Синдикатот на УПОЗ, поврзани со процедурите и начинот на организирање на Седмото собрание на Синдикатот на УПОЗ односно изборите кои требаше да се одржат во синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, не го добиле, односно не знаеме од кои причини не сакаа да кажат дека го имаат добиено, се вели во денешното соопштение од членовите на овој Синдикат.

Затоа, се додава во него, од министерката бараме да се огради и да не биде учесник во кршењето на законите, со потпишување решение со кое би овозможила запишување во регистарот на синдикати на нов мандат за застапување на Синдикатот на УПОЗ од лицето Пецо Грујовски, против кого, како што информираат членовите, имале поднесено кривична пријава.

– Ја предупредуваме дека со потпишување такво решение би дала легитимитет на еден недемократски и нестатутарен, а воедно и не законски чин и со тоа дејство и самата ќе направи прекршување на законот. Воедно сакаме да ја запознаеме јавноста и министерката дека во  Република Македонија има институции на кои им веруваме и кои според  Уставот и  законите во Република Македонија ќе го расчистат овој случај докрај и ќе спроведат соодветна  правна завршница, се наведува во соопштението од членовите на УПОЗ.