ЦИВИЛ бара решителна пресметка со политичката корупција

0
973

ЦИВИЛ – Центар за слобода бара транспарентност, јавност и одговорност од сите учесници во изборниот процес во Република Македонија.

Граѓанките и граѓаните имаат право да знаат кој и како ги финансира политичките партии!

Затоа, ги повикуваме сите политички партии максимално да ги почитуваат законските регулативи за финансирање на политичките партии и на изборните кампањи, целосно да се придржуваат кон сите демократски стандарди и да сносат политичка и морална одговорност за своето делување воопшто.

Бараме од политичките партии јавност во нивното финансиско работење, редовно поднесување финансиски извештаи од кои јасно се гледаат изворите на финансирање.

Бараме итно активирање на институциите во насока на оневозможување на извлекувањето и злоупотребата на јавни финансиски средства, како и спречување на финансирањето на политичките и изборните кампањи со валкани пари.

Во своите анализи и извештаи, ЦИВИЛ веќе со години укажува на политичката корупција во земјата која навлезе во сите сфери на општеството и системот.

Поткупот на гласачите е редовна појава во изборните процеси и на тоа мора да му се стави крај еднаш за секогаш.

Финансирањето на кампањите често е со сомнителен карактер. Институциите на државата се должни на граѓанките и граѓаните да им обезбедат целосен, јасен и детален увид во тие операции.

Повеќе од јасно е дека финансиската контрола врз медиумите се должи на спрегата меѓу дел од капиталот и политичките елити во земјата. Тој ланец мора да биде прекинат.

Злоупотребата на јавните ресурси е масовна и очигледна појава која остава темна дамка на изборните процеси. Тоа е вулгарна и деградирачка состојба на системот и ја нарушува довербата на граѓанките и граѓаните во институциите на долг рок.

Бараме од Државната изборна комисија и од сите други надлежни институции решително да ги употребат своите законски ингеренции и да спроведат строг надзор врз финансирањето на политичките партии и на нивните кампањи со цел да се обезбедат минимум услови за фер изборен натпревар кој се очекува да се одржи во април 2016 година.

Транспарентното финансирање и строгиот надзор се клучни алатки за борба против политичката корупција и против голем број нерегуларности на изборните процеси во Република Македонија.

И конечно, за надминување на дологодишната политичка криза и за демократизација на земјата, неопходно е државата да се одвои од партијата. Мора да се спроведе деполитизацијата на системот за да се воспостави владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, како што е гласачкото право, како едно од фундаменталните човекови права.