ЦИВИЛ: Дали со помилувањата Иванов се приклучи кон партиската кампања на Груевски?

0
1093

„Бројот на помилувани затвореници оваа година е поголем од вкупниот број помилувани затвореници во последните три години! Имено, во 2015-та година биле помилувани 24 затвореници, во 2014-та година Иванов помилувал 53 лица, во 2013 – 51 лице. Навистина и во изборната 2011, Иванов пред Илинден усреќил 85 лица, ама годинава се надминал себеси.

Дали е случајно што токму во изборната 2016 година, претседателот решил да биде 10 пати помилозлив кон осудените лица и да помилува дури 207 од нив?

Во образложението на кабинетот на претседателот, стои дека оваа година листата на затвореници предложени за помилување, која ја добиваат од затворите била најдолга, но според објавената информација на телевизија Телма, од најголемиот затвор Идризово велат дека како и секоја година, и годинава предложиле 150-тина.

Сметаме дека за целосно отфрлување на сите сомнежи кои опстојуваат и по демантот на неговиот кабинет, да бидат објавени и делата за кои се осудени помилуваните лица.

Поттикнати од медиумските сомнежи кои ги предизвика оваа одлука, ЦИВИЛ – Центар за слобода го прашува претседателот Иванов:Дали неговите постапки мора речиси секогаш да бидат проследени со контроверзи? Дали го загрижува фактот што граѓаните и медиумите се доведени во позиција веќе да се сомневаат дека тој, како претседател во втор мандат, може да помилува и педофил или осудениот за убиството на Мартин Нешковски? И покрај демантот од кабинетот на Иванов, според кој овие лица не се помилувани, објавената телевизиска сторија и прашањата кои беа покренати во јавноста, зборуваат за нарушениот кредибилитет на Иванов.

Претседателот не смее да заборави дека секоја негова одлука, создава впечаток и гради перцепција во јавноста за институцијата претседател, за функцијата која по завршувањето на неговиот мандат ќе ја наследи некој друг. На следниот претседател ќе му треба долго време да го врати рејтингот и довербата во работата и во улогата на Претседателот на Македонија како независен симбол на државното единство.
ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од претседателот Иванов посебно објаснување за огромното зголемување на бројот на помилувани лица токму во пресрет на изборите!

Дали и со оваа постапка, помилување на над двесте затвореници, претседателот Иванов се приклучи кон партиската кампања на премиерот во оставка, Никола Груевски“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.