Христов: Македонското новинарство е во длабока кома

0
1064

Се чини дека изминатите две години ништо не се сменило во Македонија, но, всушност, многу работи се сменија, оцени Боби Христов на панел-дискусијата „Спик ап“ („Проговорете“ или „Кренете глас“), конференција во Брисел за медиумската состојба во земјите од Западниот Балкан и во Турција, пренесе Мета.

– Ако пред години новинарството беше во несвест, сега е во длабока кома. Новинарството е мртво. Медиумите, со мали исклучоци, не ѝ служат на јавноста, туку на политиката – рече Хистов, додавајќи дека власта преку своите владини кампањи ги користи медиумите за вршење пропаганда.

Во своето излагање, Христов спомена дека во Македонија нема закани по животите на новинарите и оти е намален бројот на тужбите за клевета што ги поднесуваат политичари, но оти се зголемува бројот на тужби меѓу новинарите.

– Новинарството во Македонија не страда поради суров терор или поради затворање новинари од власта, туку страда поради тоа што новинарите станаа слуги на власта. Власта тоа го направи суптилно, преку реклами во медиумите, преку сопствениците на медиумите и преку главните медиуми. Јавниот сервис функционира како државен, а формирани се десетина портали кои се во служба на власта. Иста е ситуацијата и од другата страна – се формираат портали за да ја водат таа битка. Има и мала трета група новинари, кои се обидуваат да работат независно – рече тој.

Христов истакна дека новинарите во Македонија ја имаат најниската плата во регионот и оти поради лошата економска состојба, честопати се случува наместо за професионалност да се одлучат за егзистенција.

– За жал, Европската комисија (ЕК) не успеа да направи промена во делот на слобода на медиуми. Очигледно е дека алатките што ги користи Комисијата за влијание врз властите се неефикасни. Европската комисија мора да го избегне користењето општ метод кон земјите од регионот, туку посебен кон секоја земја – рече Христов, додавајќи дека во иднина медиумските организации ќе треба да направат многу повеќе за заштита на слободата на медиумите и за професионалното информирање.