ХЕРА: Невистинити информации објавени од Курир, Мила Царовска не работи кај нас

0
1386

Асоцијацијата ХЕРА реагираше на написот на Курир.мк  „Документите покажуваат: Ременски ги партизира институциите и работи спротивно од закон“, објавен завчера. Порталот тврди „Мила Царовска е ангажирана во невладината организација ХЕРА, каде работи како програмски координатор и почнувајќи од 06.04.2012 година се уште е во работен однос на неопределено време за што сведочи извод од М1/М2.“

„Ја информираме јавноста дека Царовска повеќе не работи во Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување –ХЕРА.  Датумот на престанок на работниот однос евидентиран во образецот М1/М2 е 16 ноември 2015 година. Покрај тоа што на 19.11.2015 испративме демант до порталот Курир.мк, ниту имаше корекција на неточната информација ниту, пак, беше објавен текстот на демантот што е спротивно на новинарскиот кодекс“, се вели во соопштението од ХЕРА.

Од Асоцијацијата велат дека во овој чекор гледаат обид да се втурне ХЕРА во политичката битка.

„Со овој непрофесионален начин на информирање се прави тенденциозен обид за дискредитација на ХЕРА и на нашата доскорешна и ценета колешка. Но уште повеќе, втурнувањето на ХЕРА во неколкудневна политичка медиумска кампања од страна на медиуми со репутација како онаа на порталот Курир.мк го гледаме како политички притисок врз работата на невладините организации“, стои во соопштението.