Фуере: ЕУ мора да се спротивстави на одлуката изборите да се одржат во април

0
939

Поранешниот амбасадор на Европската Унија во Македонија, Ерван Фуере, во колумна за„Балкан инсајт“ пишува дека ЕУ мора да се спротивстави изборите да се одржат во април.

„Нема алтернатива за ЕУ освен да интервенира во периодот од сега до 24. февруари, кога Парламентот треба да биде распуштен за изборите да се случат во април, и да ја натера владејачката партија изборите да бидат одложени. Парламентот треба да го искористи својот авторитет и да ги одложи изборите“, смета Фуере. \
Според него, драматичната пресвртница е неуспех за дипломатијата на ЕУ и покажува недостаток во проценките на Европската комисија за длабочината на политичката криза во Македонија, со што се отежнува и работата на белгискиот посредник Питер Ван Хауте.

„За жал, целта да се врати владеењето на правото изгледа е заборавена. Двосмислената изјава на комесарот Хан по средбата со политичките лидери на 15. јануари отвори повеќе прашања отколку што даде одговори. Остави впечаток дека за ЕУ, трите политички партии кои сакаат избори во април, се во право, а опозицискиот СДСМ треба да им се придружи“, пишува Фуере.

Тој ги коментира и наводите дека можеби македонската Влада се пазарела со Унијата за изборите, тргувајќи со бегалската криза. Фуере не верува во ова, но порачува дека ЕУ не смее да дозволи да биде изиграна од влада чија единствена цел е да го пренасочи вниманието од нејзината злоупотреба на моќта, индициите за криминал и непочитувањето на реформите нотирани во повеќе европски извештаи.

Според него, изборите без учество на опозицијата ќе бидат нелегитимни и ќе докажат дека меѓународната заедница дозволува Македонија да биде водена според правото на џунглата, а не според владеењето на правото.