ФОТО: Средношколски протест во Битола, повторно закани и заклучени врати

0
916

Неколку стотина битолски средношколци попладнево излегоа на марш против лошите образовните реформи. Непосредно пред почетокот на маршот, тие се пожалија на закани и заклучени врати во учлилиштата.

Од Средношколскиот пленум во Битола , како организатори на маршот, велат дека не се плашат од заканите, а борбата за подобро образование ќе продолжи.

„Тука сме затоа што образованието е мртво. Како да одиме напред, кога ние младите стоиме во место?Како да бидеме горди ние како младина, кога гледаме дека се се распаѓа и тоа пред нашите очи? Минатата година се разбудивме, сфативме колку неправда ни нанесоа оние надлежни лица кои се задолжени за перфекција на образовниот систем. Сите сме свесни дека не осакатија со нивните реформи кои немаат крај. Спроведуваат бесцелни новитети, а нас, не користат како роботи врз кои вешто ќе експериментираат. Сакаме да ви дадеме до знаење дека нашите мозоци не се закочени како што е закочен вашиот систем со кој ни го запустивте образованието“, се обрати пред своите соученици средношколец од пленумот.

Пленумот во Битола се жалеше на заклучени врати во гимназијата „Јосип Броз Тито“, како и на закани од директорот на државното музичко училиште дека ќе бидат казнети ако излезат да протестираат.

Маршот започна од средното медицинско училиште „Јован Калаузи“, а заврши  на градскиот плоштад каде средношколците ги повторија нивните барања, укинувањето на екстерното тестирање, задржување на стариот концепт на полагање државна матура и вклучување на Средношколскиот пленум во работата на новиот концепт.

Извор/фото: Радио МОФ