Пожар избувна во зградата на косовската Влада откако демонстранти од опозицијата фрлаа со Молотови коктели во знак на протест против договорот за нормализирање на односите со Србија.
Пожарникари брзо го изгаснаа пожарот, а полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
Неколку илјади демонстранти денеска протестираа во Приштина барајќи оставка од Владата со аргументи за поништување на Бриселскиот договор што се однесува на формирањето на Заедницата на српски општини и договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
Десетмина полицајци се повредени, а двајца демонстранти се приведени во денешните протести на опозицијата во Приштина. Тоа на прес-конференција го изјави шефот на полицијата на Косово Баки Келјани, додавајќи дека полицајците биле многу воздржани и не реагирале се додека демонстрантите не почнале да користат Молотови коктели.
Келјани отфрли тврдења на опозицијата дека полицијата спречувала активисти да стигнат на протестот од други краеви на Косово.
Директорот на Итната медицинска помош изјави дека им помогнале на 11 повредени од кои седуммина полицајци, двајца демонстранти еден случаен минувач и еден телевизиски снимател.
Претседателката на Косово, Атифете Јахјага, остро ги осуди насилствата и побара полицијата да ги идентификува и изведе пред суд лицата или групите одговорни за нередите.
– Денешното палење на државните институции е апсолутно недопустливо, наведува во соопштение Јахјага.
Таа ја осуди и „ескалацијата на ситуацијата“ и користењето средства што предизвикале опасност за животи на граѓани и силите за безбедност кои имале задача да ги штитат државните институции.
Јахјага ги повика демонстрантите на мир, а организаторите на протестите да асе дистанцираат од насилствата.
Извор : Утрински