Управувачкиот комитет одлучи во Македонија да пушта толку бегалци колку што ќе излезат од земјата

0
875

Да се пропуштаат толку бегалци на граничниот премин Богородица колку што ќе излезат на граничниот премин Табановце, одлучи синоќа на затворена за јавност седница Управувачкиот комитет, највисокото тело задолжено за бегалската криза, пренесува „Мета“.

На седницата, со која претседаваше министерот за здравство, Никола Тодоров, присуствуваа и министрите за транспорт и врски, Владо Мисајловски, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за одбрана, Зоран Јолевски, и директорката на Центарот за управување со кризи, Сузана Салиу.

Ова тело донесе и заклучок да се следи состојбата со однесувањето на земјите од Балканот во врска со пропуштањето мигранти и според тоа да се носат одлуки.

Исто така, на средбата било одлучено да се зајакне здравствената контрола во камповите, по пробемот кој настана со бегалците од Авганистан, кои подолго време заглавија во кампот на северот на Македонија.

Од почетокот на годината до вчера, низ Македонија поминале вкупно 86.462 странски државјани.

Кај грчките политичари, пак, сè поголема е нервозата околу одлуките да се намалува бројот на бегалци што се пропуштаат и за постепено затворање на премините за бегалците.

Премиерот Алексис Ципрас вчера во грчкиот парламент се закани со вето во Брисел за европските договори доколку членките на Европската Унија не се договорат за рамномерна поделба на одговорностите и на тежината на бегалската криза и за поголем прием и за распределба на бегалците низ целата Унија.

Ципрас изрази разочараност од ставот на ЕУ кон справувањето со бегалската криза.

Медиумите во Грција јавуваат дека повеќе од 12.000 бегалци чекаат низ цела Грција да бидат пренесени до Идомени, а бројката постојано се зголемува како што пристигнуваат нови бродови од островите.

На Идомени се заглавени илјадници бегалци од Сирија и од Ирак, а бегалците од Авганистан се во центарот за релоцирање кај Солун. Изутринава на Пиреја пристигна брод со нови 1.325 регистрирани бегалци од Лезбос и од Хиос, кои засега остануваат на пристаништето бидејќи нема зелено светло да тргнат кон границата со Македонија.

Грција бара и нови места каде може привремено да се згрижат бегалците околу Солун и Атина.