Телма откри нов список помилувани затвореници: Хорхе по педофилите помилува и насилници и измамници

0
1015

Нов список на помилувани од претседателот Ѓорѓе Иванов открива Телма.

Се работи за вкупно 33 луѓе кои се помилувани три недели пред новогодишните помилувања. Одлуката претседателот ја донел на 9 декември, а во Службен весник е објавена два дена подоцна.

Од она што е објавено, еден е целосно ослободен од казната, петмина од одлежување на неиздржаниот дел без разлика колкав е, за условна казна од една година му се заменува затворската на еден затвореник, додека за условна од 3 години на седуммина. Делумно се ослободени, односно казната им е скратена за 6 до 3 месеци на 19 мина.

Со ова бројот на помилувани само во еден месец изнесува 207.

„Тие 33 помилувања од 9 декември се поединечни, по молба на осудениците“, е кусиот коментар од Кабинетот на претседателот.

Исто како и на помилувањата на затворениците по повод Нова Година, така и овој пат се објавени само имињата презимињата и местото на живеење на осудените, а не и делата за кои се осудени.

„Телма повторно се обиде да го добие целосниот список од кабинетот на Иванов, но не успеа. Од она што може да се најде на интернет доколку се пребаруваат осудениците по нивниот идентитет и местото на живеење се појавуваат неколку имиња и презимиња на осудени во познати случаи.

Таков е примерот со насилникот кој го демолираше кафе барот Голд во Ресен чие што име и презиме и место на живеење се поклопува со она што се нашло на листата помилувани чија затворска казна е заменета со условна.

Уште неколку имиња од овој вид помилувања се идентични на луѓе кои биле вмешани во царинска измама, измама со станови и земјиште.

Интересно е што на оваа листа неколку осуденици чија затворска казна е заменета со условна се наоѓаат и луѓе чии идентитет се совпаѓа со идентитетот на неколкумина обвинети во познатиот процес “Змиско око”, за проневера на пари од патарините“, објави Телма.