Студент се онесвестил при контакт со топла вода

0
995
Пара вести
Арслан Новинарски

Скопје, 2 февруари 2016

Веле Р., 21-годишен студент сместен во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, се онесвестил кога отишол да се тушира, а од тушот врз него паднале капки млака, накај топла вода.

Навикнат да се тушира само со студена вода, Веле не можел да се соземе од шокот и набрзо ја изгубил свеста. За среќа, му помогнале петнаесетте другари кои чекале на ред за туширање.

Тие веднаш го испрскале со студена вода по лицето и телото и Веле набрзо се освестил. Екипата на брза помош која пристигнала по еден час констатирала дека сè е во ред со него и препорачала во иднина тој да се воздржува од капење со топла вода.

„Ова не е прв инцидент со топла вода во студентскиот дом и време е да го кренеме гласот. Ако молчиме, лесно може да се случи да добиеме и топол оброк. Кој ќе одговара за последиците тогаш“, вели еден од станарите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ кој сакаше да остане анонимен.

Во меѓувреме, од Министерството за образование и наука апелираа студентите да се воздржат од туширање, додека не се реши проблемот со топлата вода.

Извор: Окно