Спасовски: Чавков изнесува лаги, остануваат новите началници во МВР

0
1093

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски демантира дека се враќаат разрешените началници, односно одлуката ќе остане иста се до правосилноста на судската одлука. Тој го обвини Митко Чавков дека прави хаос во МВР но и дека намерно ја прескокнал ДИК и поднел тужба до Управниот суд кој според Спасовски е партиска инсталација.

Она што го зборува дополнителниот заменик министер Чавков е лага. За што зборува Чавков, не е јасно?

Решението на Управниот суд се однесува на времена мерка според која, се задржува постојната ситуација до носење на одлуката по тужба од Управниот суд. Тоа значи дека сите решенија за распоредување остануваат во сила се до донесување на правосилна одлука на Управниот Суд.

МВР само што ги доби решенијата за времена мерка, уште не е доставена жалбата, а дополнителниот заменик министер Чавков веќе знае што Вишиот управен суд, ќе одлучи.

Очигледно ,дополнителниот заменик министер произведува намерно хаос, со тоа што доставува телеграми до директорите на БЈБ и УБК, со свое толкување на времената мерка, односно дава погрешни и незаконски инструкции до нив во смисла дека, остануваат старите началници.

Го предупредувам дополнителниот заменик министер дека отворено повикува на непочитување на безбедносниот ситем во МВР.

Исто така укажувам на содржината на решението за времена мерка на Управниот Суд со кое децидно се наведува дека остануваат решенијата на сила се до правосилна судска одлука.

Се поставува прашање, зошто техничкиот заменик министер одлучи да ја прекрши правната процедура, предвидена во Законот за влада, кога постои спорно прашање меѓу заменик министерот и министерот, да се обрати до ДИК, кој што во рок од 24 часа треба да донесе одлука. Потоа доколку е незадоволен од одлуката на ДИК, може да покрене тужба до Управниот суд. Заменик министерот Чавков свесно се реши да ја прескокне едната инстанца, ДИК, и достави тужба до Управниот Суд. Дали затоа што се работи за суд кој е партиска инсталација, и каде што ке можат да ги прејудицираат одлуките на судот? Морам да прашам, дали дополнителниот заменик министер Чавков, сака да биде и дополнителен судија во Управниот суд.
Почитувањето на законот и заштитата на правната држава, останува и понатаму приоритет на моето постапување и работење, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.