Советот на ЕУ сериозно загрижен за состојбата во Македонија

0
960

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ денеска ги потврдија заклучоците од извештајот за напредокот на Македонија. Министрите заклучија дека препораката за почеток на преговори останува условена со изборите следната година.

Во заклучоците, кои в четврток ќе се најдат пред лидерите на ЕУ, Советот на ЕУ изразува загриженост за состојбата во Македонија и се наведуваат серија забелешки и барања до политичките лидери во државата.

„Советот ја повторува сериозната загриженост за состојбата во земјата, особено сериозната политичка криза, одбележана со политичка култура на поделби, недостигот од култура на компромис, назадувањето во слободата на изразувањето и во судската независност, како и понатамошната ерозија на довербата во јавните институции“, стои во заклучоците.

Советот го нотираше исполнувањето на точките од Договорите од Пржино, но истакна дека очекува негова целосна имплементација.

Во врска со скандалот со прислушувањето, министрите за надворешни работи ја повторија важноста од „длабока и независна истрага, без пречки, за обвинувањата за прекршувања кои произлегоа од прислушуваните материјали, но и за пропустите во надзорот“, и притоа го поздравија именувањето на специјалниот обвинител.

Советот на ЕУ, исто така, побара спроведување на „целосна истрага за настаните во Куманово од 9 и од 10 мај годинава, на објективен и транспарентен начин“.

Во заклучоците се наведува дека мора да се спроведат реформските приоритети, кои се однесуваат на владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите, изборите, корупцијата, политизацијата на државните институции и удвојувањето меѓу партијата и државата.

Министрите истакнуваат дека, сепак, од клучно значење е наоѓањето заеднички прифатливо решение за спорот за името со Грција.