СДСМ: Има 36 милиони евра за нова зграда за НБРМ, а нема за Универзална

0
1065

Кога лажеа Елизабета Канческа Милевска и Коце Трајановски, прашува СДСМ откако тие двајцата денеска најавија дека Универзална сала нема да се урива за да се изгради нов објект, како што беше најавено, туку ќе се реновира.

„На прес конференцијата во март 2013 кога објавија дека според анализите на експерти од Градежен факултет поради дотраеноста на објектот Универзална сала, не е возможна реконструкција и надградба или денеска кога објавија дека Универзална сала ќе се реконстуира?

Коце и Канческа Милевска тогаш рекоа дека салата не може да издржи дополнителни зафати и не може да ја прифати тежината на нова челична реконструкција, па се промовираше новиот изглед според платено идејно решение на нов објект – јајце. Сега после 3 години објавуваат дека ќе се врши реконструкција и надградба на Универзалната сала во Скопје. Зошто тогаш беше доделена награда за идејно решение – јајце на фирмата Стоун дизајн и кој ќе ја надомести штетата?“, прашува СДСМ.

Од партијата прашуваат зошто се издвоија 25 милиони денари, пари на граѓаните, за проектантска куќа за салата, за сега да се објави дека нема да се гради туку ќе се надградува.

„Дали ќе се плаќа повторно за нов проект? Зошто ВМРО-ДПМНЕ брзаше со давањето имиња на салите кога тие сали сега не постојат и дали ќе се поништи и таа одлука? Како е можно да има 36 милиони евра нова зграда на Народна банка, а да нема пари за нов објект на Универзална сала? Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ ќе потрошат нови 50 милиони евра, пари на граѓаните за барокното лудило на Никола Груевски. За Коце и Никола Груевски ништо не е важно. Важни се само тендерите и провизиите од споменици тешки 630 милиони евра. Доаѓа крајот на криминалот и корупцијата“, се додава во реакцијата на СДСМ.