СДММ – Тетово бара прогласување вонредна состојба поради загадувањето

0
1853

Социјалдемократската младина на Тетово денеска побара од градоначалничката Теута Арифи да прогласи вонредна состојба со воведување на  ригорозни мерки за намалување на загадувањето кои нема да траат повеќе од 12 дена.

– Бараме да се воведат бесплатни автобуски линии кои постојано во текот на денот ќе сообраќаат по целата должина на булеварот Маршал Тито, Илинденска, Смилевски Бато и Благоја Тоска. Да се забрани управување со моторни возила во градот од 10 часот до 23 часот. Да се пропуштаат само возила на итна медицинска помош, и друг вид возила со неодложна и итна потреба.Економското доставување и набавка на стоки да се врши најкасно до 11 часот. Да се дислоцираат комби станиците од пред супер маркетот Веро, Домот на културата, Музичкото училиште и Шарената Џамија пред стадионот и пред медицинското училиште соодветно. За патниците да се означат соодветно бесплатните автобуски линии кои ќе ги превезуваат патниците до новите комби постројки. Да се интензивира прскањето на улиците и по сите споредни улици со соодветното хемиско средство – изјави претседателот на СДММ на Тетово Даријан Сотировски.

Тој посочи дека ситуацијата со аерозагадувањето во Тетово е алармантна, континуирано во текот на неколку месеци.

– Тетово го диши најзагадениот воздух во светот. Ова ескалираше пред неколку денови кога концентрацијата на штетните честички беше за 20 пати над дозволеното и покажа индекс близу 1000 – рече Сотировски.

Од СДММ Тетово апелираат ситуацијата да не се политизира, ниту да се етнизира, овој отровен воздух го дишиме сите.

– Здравјето на секој жител на овој регион е сериозно загрозено, а во здравствените установи се зголемуваат пациентите кои се жалат на респираторни проблеми. На долг рок овие симптоми можат да прераснат во едни од најтешките заболувања. Апелирам да не се насочува целата вина исклучиво на фабриката Југохром, која освен што економски го одржува целиот регион, работи со повеќекратно намалени капацитети. Проблемот е навистина комплексен и бара сериозен приод. Урбанистичкиот хаос, градењето на 10 катници на улици каде имало еднокатни семејни куќи доведе да не циркулира воздухот ниту во летниот период. Тешката економска состојба ги натера луѓето да горат несоодветни предмети за затоплување. Претераното користење на моторни возила – рече Сотировски.

Од СДММ Теворо се сомневаат дека зад затворањето на училиштата и градинките во Тетово се крие проблемот со дефицит на енергенси за затоплување на учениците, кои се жалеа на ладни училници последниот месец.