САД застана зад Катица Јанева: Да не се врши политички притисок врз Специјалното обвинителство

0
1141

Амбасадата на САД во Македонија денеска повторно ѝ изрази поддршка за работата на специјалната обвинителка Катица Јанева и на нејзиниот тим и побара од властите целосно да ги спроведат највисоките стандарди на владеење на правото.

„САД целосно го поддржуваат Специјалното јавно обвинителство и неговата улога во истражувањето и во покревањето обвиненија за криминалните дејства што произлегуваат од прислушуваните разговори. Нејзиното назначување е суштински елемент на Договорот од Пржино и беше одобрено од сите четири политички партии. Го повторуваме нашиот апел до сите страни да му дозволат на Специјалното обвинителство да ги изврши своите обврски, независно и без каква било форма на политички притисок. Сите обвинети имаат право на целосна заштита според законот и ги повикуваме сите граѓани да овозможат на фактите да произлезат во текот на судскиот процес“, стои во соопштението.

Амбасадата, исто така, ги повика македонските власти „да ги исполнат највисоките стандарди на владеење на правото, транспарентноста, праведноста, заштита на слободата на говорот и независноста на судството, како што случаите ќе напредуваат“.

Реакцијата на Амбасадата на САД доаѓа непосредно откако Специјалното обвинителство денеска ја сооопшти својата првата акција, насловена „Титаник“, и побара притвор за осум лица, осомничени за изборна измама. Меѓу осомничените се поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, иако нивните имиња не беа експлицитно наведени.