СЈО: Сите разговори не се објавени јавно и само ние можеме да судиме, врз основа на материјалите што ги имаме, дали треба да побараме одреден предмет

0
1237

Специјалното јавно обвинителство не постапува по предметот „Маѓар телеком“, по предметот против Зоран Верушевски за недозволено поседување на оружје и по предметот против неговиот син за производство и дистрибуција на детска порнографија, туку ги бара од Основното јавно обвинителство – Скопје за да утврди дали има надлежност над овие предмети, велат за Академик од СЈО.

Според нив, Законот за специјалното јавно обвинителство е јасен.

„Наша работа е да ги побараме предметите и да се произнесеме за надлежноста. Замислете, првиот пат кога побаравме пет предмети, ни беа доставени сите 35, а сега прават проблем за три предмети“, велат од Специјалното јавно обвинителство.

Оттаму го цитираат членот 11, ставот 2 од Законот за специјалното јавно обвинителство, кој вели:

„По писмено барање од Јавно обвинителство, јавните обвинителства се обврзани, во рок од 8 дена, да предадат кој било предмет по кој постапуваат за да се одлучи дали предметот спаѓа во надлежноста на специјалниот јавен обвинител, согласно неговите овластувања определени со овој закон“.

Од СЈО сметаат дека Советот на јавни обвинители нема надлежност да се произнесува за тоа кој предмет припаѓа во надлежност на СЈО.

„Сите разговори не се објавени јавно и само ние можеме да судиме, врз основа на материјалите што ги имаме, дали треба да побараме одреден предмет“, велат од Специјалното јавно обвинителство, но додаваат дека, сепак, ќе го почекаат Советот да се изјасни пред да реагираат дополнително.