Режимски паразити го сардисаа народот: Над 1.800 „рамковни“ административци си седат дома и примаат плата!

0
1304

Масовното вработување преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор со цел да се постигне правична застапеност, по се’ изгледа излезе од контрола на државните институции. Според најновите податоци, повеќе од 1.800 административци кои се примени според принципот за правична застапеност уште примаат плата, а воопшто не се појавуваат на работа. Оваа бројка секоја година се зголемува, а Секретаријатот не презема ништо за да се реши овој проблем, пишува Утрински весник.

Од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и вчера, како и со години наназад не сакаа да кажат колкава е брoјката на тие што седат дома, а земаат плата. Под образложение дека е потребно да ги систематизираат податоците и да видат колкав број од постапките се завршени, а колку од нив се’ уште се во тек, најавија дека дополнително ќе не’ известат. Но, таква информација не стигна.

Но, податоците од предлог-буџетот за 2016 година покажуваат фрапантна бројка од 1.905 административци за кои Секретаријатот за рамковни прашања треба да обезбеди плата. Со оглед на тоа што во Секретаријатот, со кој раководи вицепремиерот Муса Џафери, максималната бројка која навистина работи на оваа тема не е поголема од 100 вработени (според некои податоци се движи од 50 до 60), сите останати, односно повеќе од 1.800 се рамковни административци, кои се наоѓаат во таканаречената сива зона – секој месец земаат државна плата, а не се распределени на соодветно работно место, немаат работни задачи и не се појавуваат на работа.