Професорот Душко Стојановски исклучен од СОНК поради членувањето во Наставнички Пленум

0
1425

Професорот Душко Стојановски од гимназијата “Орце Николов” кој секогаш беше во првите редови со своите ученици на протестите, бил исклучен од Синдикатот за образование и наука уште во септември, а за тоа дознал од директорката на училиштето дури вчера, објави Фактор.

Во образложението му било кажано дека причината за неговото исклучување била поради членувањето во неформални организации како Наставнички Пленум и неговите остри критики кон власта . Но за да биде поинтересно, а исто толку и иронично, тој објаснува дека не е член на оваа организација. Дополнително прашува, што би пречело тоа штом е тоа неформална организација?! Ваквата ситуација според професорот ја открива вистинската слика за начинот на кој се врши притисок врз неистомислениците, оние кои ги подржуваат своите ученици и се секогаш со нив во борбата за подобро и поквалитетно образование. Синдикалната организација од гимназијата “Орце Николов”, објаснува, била секогаш најсилната алка која жилаво се спротиставувала на постојаните притисоци. Иако учениците од оваа гимназија и нивните резултати на сите тестирања покажуваат извонредни резултати, тие вели знаат да го препознаат проблемот, да се соочат со него и да се борат против лошо осмислените реформи.

Неговата реакција ја објавуваме во целост преземена од Фактор:

Понекогаш, во посебни, несекојдневни ситуации, на своите ученици им велев: „Не паѓа снегот за да го покрие брегот, туку за секоја ѕверка да си го покаже трагот“. Сега се соочувам со слична ситуација, иако мислам дека не станува збор за ѕверка, туку за домашно милениче. Паѓаат маските во фарсичната претстава режирана од режисери-дилетантни.

Но, прво малку „историја“. На почетокот од 2015 година, СОНК покажа знаци на живот, навидум започна борба за враќање на достоинството на професијата наставник. Започна цврсто и одлучно и покрај сите блокади и медиумски играрии. Синдикалната организација од гимназијата „Орце Николов“ одважно ги бранеше синдикалните принципи и жилаво се спротивставуваше на постојаните притисоци што доаѓаа од сите страни, од власта (што за себе милува да вели дека е народна) и од нејзините платеници.Токму во моментот кога се насети триумф, штрајкот волшебно заврши. Навидум, постигнат е успех, а во образованието е уште полошо. Постојано „фрчат“ инспекции, особено кај нас во „Орце“, а зад нив остануваат закани што се бројат во евра. Но ние не молчиме, стравот не станува овде, иако со сите сили власта (онаа народната) сака да не замолчи. Тогаш ударот доаѓа од зад грб. Мене, Душко Стојановски, професор од гимназијата „Орце“, Советот на СОНК ме разрешува од местото претседател на синдикалната организација и ме исклучува од членството во синдикатот. Зошто?

Во образложението стои дека сум членувал во неформални организации од типот Наставнички Пленум. Прво, јас не сум член во оваа организација, второ што би пречело тоа штом е тоа неформална организација?!

Употребувајќи невистини и полувистини сум зборувал против СОНК. Е ова никогаш не се случило. Во ниту едно мое јавно обраќање не сум зборувал против СОНК. Моите настапи секогаш биле со осврти против лошите состојби во образованието и особено против неспособноста, недоветноста, незаинтересираноста на Министерот и Зам. министерот. Зошто на Советот на СОНК му пречи што јас, како виновници за лошите состојби во образованието, ги посочував Адеми и Ристовски?

Многу е интересно и како дознав за моето исклучување од СОНК што се случило уште на 5ти Септември. Замислете, низ разговор со Директорот на гимназијата „Орце“, која патем и не е член на синдикатот, и тоа сега на 29ти Октомври. Таа пак информацијата ја добива од Зам. министерот Спиро Ристовски. Значи, кој ме исклучува мене од СОНК? Јасно е дека ова е реторско прашање. Машата за жешки костени, мачорчето што преде во скутот на заменик министерот, поданикот Јаким Неделков. Таквите како мене ја нарушуваат идиличната слика за партнерските односи помеѓу СОНК и власта (онаа народната, се разбира), а во партнерството, ако е партнерство, добивката се дели. Што сме добиле ние во образованието? Потсмев, презир и прогон! Јасно е дека со вакво раководство СОНК се повеќе ќе ги губи своите членови, ама секако ќе го има „зцементираниот“ статус на „ексклузивец“ кај Владата. А како и да го нема кога ваквиот Совет на СОНК и неговиот предводник Неделков им го исполнуваат сонот за времињата кога сите трчаа на „Илинденска“ ББ по своето мислење. Тоа беа времиња кога „владееше“ работничката класа со нејзината авангарда ЦК СКМ, а сега, сега „владее“ народот со неговата авангарда ЦК ВМРО-ДПМНЕ! И после другите биле комуњари???

Професор Душко „Орце Николов“