Приказна за бандата и послушните неранимајковци

0
1038

Секое маало си има една група насилници и арамии. Тие ги малтретираат своите соседи, ги задеваат девојките, ги ограбуваат децата, крадат и ги тепаат послабите од себе. Маалските банди имаат силно развиено чувство за хиерархија. Нивниот лидер најчесто е најлошиот од нив и владее со остатокот од бандата преку свои најблиски и најлојални бандити. Најважно му е да се претстави пред соседите како добронамерен и справедлив, дека го прави тоа што го прави за доброто на соседите и дека другите банди се многу полоши отколку тој.

Но, доаѓа момент кога маалото не може повеќе да го трпи локалниот насилник и бара од него и неговата банда одговорност за малтретирањето. Се разбира, бандата има свои врски во полицијата, држи под своја контрола и судии, а секако има и пари, оние што ги украде од жителите на маалото, да ги поткупи гласните критичари. Па така, правдата не се спроведува, а бандата продолжува со своето дивеење. Дел од жителите си заминуваат од тоа маало во друго, кај што вакви бандити не се главни, а останатите се сѐ погласни.

Тогаш, доаѓа некој уште поголем авторитет и се обидува да ја смири ситуацијата. Бандата за момент се прибира, се консолидира и почнува да го јакне својот имиџ во маалото. Воедно, се согласува, под патронат на големите авторитети, да „разговараат“ со претставниците на жртвите на пљачкосувањето и насилството. Беља работа! Тогаш, насилникот прво ги дисциплинира своите редови, почнува да го јакне својот имиџ, им помага на возрасните да преминат улица или да го исчистат дворот, ги вози до град и назад. Трошоците кои ги поднесува за овие „добротворни“ активности лесно ги поднесува, бидејќи истовремено продолжува со ограбување на истите кои божем ги помага.

Глумејќи дијалог, бандата ги повикува предводниците на револтот против криминалот, да дојдат и да си го искажат своето своето незадоволство од бандитите. Лидерот на бандата е зол и алчен, но во суштина е кукавица и билмез, па никако не се осмелува да излезе на вербален дуел со претставниците на револтираните жители. Затоа, со дел од својот плен, богато наградува неколку подмолни неранимајковци, негови послушни претставници, и им вели да ги пуштат лидерите на бунтовните граѓани да се искажат на форумите, на нивната територија. Но, бидејќи тие водители на расправата се подеднакво неморални и грабежливи, нивните соговорници ни оддалеку немаат шанса да ги претстават проблемите и решенијата.

Така, лидерот на бандитите и неговите најблиски соработници преговараат за тоа како да се надмине мизеријата која е последица токму од нивното насилништво и криминал, а неговите послушници-подлеци, кои се, всушност, дел од неговата банда, разговараат со граѓаните пред очите на јавноста. Кругот е затворен.

Што да се прави? Граѓаните имаат потреба да заживеат со нормален живот, со тоа малку што сѐ уште го имаат сочувано од насилните и дивјачки походи на бандата. Затоа, ја прифаќаат секоја и најмала можност да проговорат во јавноста. Гавазите имиџот на шефот на бандата, во грчевит обид да ги одбранат богатите дарови од него, не бираат зборови со кои ќе ги навредат и омаловажат своите соговорници. Тепаат, а не даваат некој ни да заплаче. Тие се слика и прилика на бандата – зла и подмолна, алчна и насилна.

Нема разговор со бандити, ниту со нивните лигави гавази. Тоа е еден долг монолог на насилниците кои со висок тон повторуваат една иста приказна до бескрај.

Во меѓувреме, децата од ова сиромашно маало растат, гледајќи го грдиот пример на бандата која се вовлекла во секој дел од нивниот живот. Локалните даскали, лекарот, полицаецот… Сите молчат. Или се уплашени или се на платниот список. Сѐ повеќе деца ќе ви кажат дека само „оној што добро се снашол“ заслужува почит и дека достоинството, чесноста и добрината се безвредни.
Голем дел од родителите молчат пред бандата, затоа што се плашат за своите деца. Во убави коли, заштитени од длабоката сенка на лидерот, наоколу се возат гавазите на имиџот на бандата и врескаат едно исто, за да ги надгласаат оние што се бунтуваат.

Оние што треба да одговараат за своето насилништво – продаваат дијалог. Оние чии муцки треба да се затнати – најгласно викаат.