Прекин на наставата и предвремен распуст во Тетово поради енормното загадување

0
1075

Поради екстремното ниво на загадување на воздухот, Општина Тетово донесе одлука да се прекине наставата во градинките, основните и во средните училишта. Оваа одлука е донесена по состанокот со раководствата на воспитно-образовните институци. Настава нема да има до крајот на првото полугодие, пренесува „Мета“.

Оваа одлука е донесана по бојкот и протест на учениците поради екстремното аерозагадување во Тетово.

– Донесовме одлука наставата да биде прекината до крајот на првото полугодие, а во меѓувреме Општина Тетово и понатаму ќе ги спроведува мерките за намалување на загадувањето. Ќе се мијат улиците со калциум магнезиум ацетат и ќе продолжиме со воведување зонско паркирање во градот. За наредната година ќе го ставиме во функција и претпријатието за јавен транспорт – изјави градоначалничката Теута Арифи.

За утре напладне еколошките здруженија најавија блококади на сите главни влезови во градот поради, како што изјавија, непреземањето соодветни мерки за намалување на аерозагадувањето. Тие најавија дека блокадите и протестите ќе продолжат и во текот на наредниот период.

Градоначалничката Арифи изјави дека ги поддржува протестите затоа што тоа е демократско право на секој граѓани, но на утрешниот протест нема да се појави поради работните обврски во локалната самоупорава.