По барање на Јанева, Верушевски излегува од притвор!

0
1325

Специјалното обвинителство не барало замена на притворот на Зоран Верушевски, обвинет во случајот „Пуч“, со куќен притвор, како што објaвија дел од медиумите, туку постапувајќи по барање на судот, дало позитивно мислење на предлогот на одбраната и образложиле зошто сметаат дека постојат услови мерката притвор да биде заменета со гаранција, велат за „Мета“ од кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Ова значи дека Јанева се согласува да се укине притворот на Верушевски и на Ѓорги Лазаревски, кои се единствените обвинети во случајот што сè уште издржуваат притвор.

„Во однос на Вашето прашање, би сакале да појасниме дека од наша страна не е барана замена на притворот со куќен притвор. Ние постапувавме по барање на судот, со кое судот бараше да се произнесеме по предлогот на одбраната и на двајцата обвинети, за укинување на притворот и за негова замена со гаранција. Постапувајќи по ваквото барање на судот, ние дадовме позитивно мислење и образложивме од кои причини сметаме дека постојат услови мерката притвор да биде заменета со гаранција и тоа за двајцата обвинети“, стои во дописот од Специјалното обвинителство.

Оттаму велат дека воедно, од специјалното обвинителство, било предложено и определување мерки на претпазливост и тоа мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште или престојувалиште и мерка на претпазливост – одземање патна исправа за поминување државна граница.

Конечната одлука за притворот, сепак, ја носи судот, во случајов Основниот суд Скопје 1.

На Верушевски утре му истекува мерката притвор и судот треба да реши дали ќе му биде продолжен или ќе му одреди друга мерка – слобода, гаранција, куќен привор, одземање пасош и слично.