Општина Центар: Буџетот за 2016 се „крои“ заедно со граѓаните

0
854

„Буџетот на Општина Центар за 2016 година се подготвува заеднички со жителите на општината. Со ова, ефикасно ќе се одговори на барањата , проблемите и потребите на центарци. Општина Центар во соработка со „Центарот на заедницата“ го организираше за прв пат Граѓанскиот буџетски форум.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, рече дека оватреба да е практика во сите општини, бидејќи кроењето на буџетот треба да потекнува од реалните барања на граѓаните.

„Буџетот за 2016 година во голема мера е мотивиран од барањата на граѓаните. Ние и сме избрани за да ги реализираме нивните потреби. Буџетот е проектиран на вкупен износ 1,5 милијарди денари. За капитални инвестиции издвоени се 635 милиони денари. Во 2016 година ќе почнеме со реализација на изградбата на основно училиште во населбата Капиштец. Зборот си е збор, градежното земјиште го добивме и училиштето ќе почне да се гради, со ова ги заокружуваме петте главни изборни ветувања. Најголемата населба,  Капиштец да добие основно училиште“, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Општината планира да подготви проекти со кои ќе аплицира за донации од расположливите средства од ЕУ и други достапни фондови.

Ќе се менува фасадната столарија и ќе се прават енергетско – ефикасни фасади во училиштата „Димитар Миладинов“, „Кирил и Методиј“ и „Кочо Рацин“, а во 2017 година во основното училиште„Коле Неделковски“.

Ќе се аплицира за добивање средства за реконструкција на објектите „Пинокио“ и „Јасмин“ –  клонови на градинките „Корчагин“ и „13 Ноември“.

Ќе се реконструира инфраструктурата во градска четврт Маџир Маало, локалитет Долно Водно и локалитет Тасино Чешмиче.

Од Буџетот на општината ќе се градат и реконструираат коловози и тротоари на Локалитетот „Пресвета Богородица“ и ќе продолжи реконструкцијата на улицата „Ленинова“.

Посебна грижа, рече Жерновски,  водиме за најмладите сограѓани.Наместо на товар на родителите, општината го плаќа изучувањето на англиски јазик, за физичко воспитување и за средства за лична хигиена во градинките и обезбедувањето, еднодневната екскурзија за основните училишта. Предвидени се награди за првенец на генерација и најдобар одделенски и предметен наставник и стипендии за млади талентирани ученици.

Освен за најмладите, се води грижа и за повозрасните граѓани на општината, односно освен функционирањето на постоечките два пензионерски клубови, се планира и отварање на два нови, како и активности за поддршка на Сервисот за стари лица кој на претходните форуми беше избран за еден од приоритетите за кофинансирање во 2016 година.

За социјално загрозените општина Центар ќе даде средства за  социјални пакети, за огревно дрво, како и парична помош за лекување.

Во 2016 година ќе се  ангажира фирма за машинско чистење и миење на улиците на територија на општина Центар, замена на оштетените и поставување на нови корпи за отпадоци на сите улици во Центар и поставување на друга урбана .

Акцијата за озеленување на општината, како и зачувување на постоечкото зеленило продолжува . Во функција на обезбедување на парковите, се планира да се ангажираат 12 лица, како и да се постават куќарки за нив во парковите.

„Проектот Цел Центар“ на точак продолжува и следната година.

Присутните граѓани на форумот укажаа на одредени проблеми во нивните населени места. Нивните барања и предлози ќе бидат разгледани и вградени во Буџетот за 2016 година“, се вели во соопштението на Општина Центар.