Ова се вика КЛАТИ ВРАТА, ЗЕМАЈ ПЛАТА: Тачи и Ахмети со најмногу отсуства од Собранието

0
967

Од јули до декември минатата година Собранието на Република Македонија одржало 32 седници, од кои 25 работни, пет за пратенички прашања и две седници за обраќања. Притоа донело 396 закони од кои најголем дел или 212 се од економската област, 107 од јавните дејности и 76 од областа на политичкиот систем.

Каракетристично за овој период од работата на Собранието, е вклучувањето на пратениците од опозицијата.

Според 16. број на публикацијата „Мој пратеник“ лидерите на најголемите партии на албанците ДПА и ДУИ Мендух Тачи и Али Ахмети, кои се и пратеници, како и во првата половина на 2015 година се со најмногу оправдани отсуства. Тачи оправдано не присуствувал 78 пати, а Ахмети 72 пати.

Листата на пратеници кои немаат отсуство од пленарните седници ја предводи првиот човек на Собранието Трајко Вељаноски, а зад него се Рафиз Аљити, Љупо Димовски, Весна Дамчевска Илиевска, Калтрина Азизи, Благица Ласовска, Иван Иванов…

Горан Сугаревски од СДСМ е пратеникот кој во овој период поднел најголем број предлог закони – 21, а воедно и пратеник со најмногу поставени пратенички прашања – 12. По Сугарески, Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ е втор по поставени пратенички прашања. Тој седум пати побарал одговор од претставниците на Владата.

Најмногу амандмани во истиот период поднел Имер Алиу од ДПА – вкупно 399, а најмногу за дискусии, 27 пати, се јавувал Марјанчо Николов од СДСМ.

Сугарески имал најмногу реплики и контрареплики – 99, а имал и најголем број процедурални интервенции 24, а една помалку од него имал Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во брошурата се наведени и 23 пратеници кои не дискутирале на пленарни седници и осум кои не дискутирале на седници на собраниски работни тела и комисии. Најголем број дискусии на овие тела и комисии имале Зоран Илиоски и Роза Топузова Кареска. Илиоски дискутирал 41, а Топузова Кареска 36 пати.