Ова е КОШМАРОТ за Сашо Мијалков и судијката Светлана Костова: За евентуалниот криминал со израелската опрема во законите нема никакви олеснителни околности!

0
3572

Високи затоврски казни се предвидени за сите вмешани во скандалот со провизиите, злоупотребата на службената положба, овозможувањето и давањето поткуп за зделката со изреалската опрема ако нивната вина се докаже на суд.

Пишува: Стојанка Митреска

Правните експерти што ги консултираше Вистиномер напоменуваат дека при индивидуализација на казната за кривичното дело за кое не постојат какви било олеснителни околности во одредувањето на висината на казната, освен степенот на вината и причинетата штета, многу битно ќе биде и влијанието врз другите како и фактот за одговорната позиција на првоосомничениот:

  • Во случајов нема олеснителни околности, тука само отежнувачки. Ако станува збор за некој кој  е глава на определен државен орган, тогаш не може да разговараме за никакви олеснителни околности, вели адвокатотЅвонко Давидовиќ за Вистиномер.

Според кривичната пријава поднесена од Социјалдемократскиот сојуз  (СДСМ) на 7 април 2015 година Мијалков е осомничен за делото „примање поткуп“ кое е предвидено и казниво според членот З57 ст. 5 в.в. ст. 1 од Кривичниот законик (КЗ) и за злоупотреба на службената положба и овластување од чл. З5З ст. 5 в.в. ст. 1 од КЗ.

Документ: КРИВИЧНА ПРИЈАВА, Подносител Социјалдмеократски сојуз на Македонија, ул. Бихачка бр. 8, Скопје, против: 1. Сашо Мијалков – Диркетор на УБК при МВР – Скопје, 2. Светлана Костова – судија на Виш Управен Суд на РМ,  3. Хаким Хакијни – роден на ХХХХ со пасош бр. ХХХХХХ, Р. Израел (три страници):

Krivicna-prijava-31-Izrael-001-anonymized Krivicna-prijava-31-Izrael-002 Krivicna-prijava-31-Izrael-003

ПРИМАЊЕ ПОТКУП – КАЗНИ ОД 4-10 ГОДИНИ

Кривичниот законик за кривичното дело примање поткуп предвидува казна  затвор од 4 до 10 години. Ако се докаже и тоа  дека екс – директорот на УБК вршеќи го кривичното дело стекнал поголема имотна корист, максималната казна со која Кривичниот законик го санкционира ова дело е најмалку пет години. Ако, пак, во истражната постапка се докаже дека поранешниот директор на УБК ги злоупотребил службената положба и овластувања (член З5З ст. 5 в.в. ст. 1 од КЗ) Мијалков ќе мора да одлежи уште три години.

Познато е дека кон крајот на ноември минатата година (26.11.2015 година) Специјалното јавно обвинителство информира дека во пакетот предмети што произлегуваат од прислушуваните аудио материјали, а кои тимот на обвинителката Катица Јанева ги побара од Основното јавно обвинителство, е и предметот за набавката на израелската опрема. Како доказен материјал во ова дело, опозициската СДСМ му достави на Основното јавно обвинителство уште пролетоска ЦД со снимка, транскрипт од водените разговори, смс пораки и документ за странскиот државјанин Хаим Хакеини.

Дел од правните експерти и универзитетски професори блиски до власта ги оспоруваат прислушуваните аудио материјали, како доказен материјал во судска постапка, потенцираќи дека станува збор за нелегално стекнати снимки. Или, материјали добиени на криминален начин, како што потенцира професорката Тања Каракамишева Јовановска. Наспроти ова, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека приложените докази во никој случај не можат да се оспорат како насоки за отпочнување на истражна постапка:

  • Прислушуваните материјали можат да ги оспоруваат како докази, но неможат да ги оспорат како индиција. Ако во истражната постапка во случајот со израелската опрема  се утврди дека имало проток на пари, има голем степен на сомнеж дека кривичното дело е сторено“, вели адвокатот  Давидовиќ за Вистиномер.

Во членот 357 (1) кој ги одредува казните за сторители на кривичното дело „примање поткуп“  се вели дека „службено лице кое директно или индиректно ќе побара или ќе прими подарок или друга корист или ќе прими ветување за подарок или друга корист за себе или за друг за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши, ќе се казни со затвор од четири до десет години. За истото дело е осомничена иСветлана Костова, која според тврдењето на СДСМ, помагала во извршувањето на кривичното дело :

  • Тој што на друг со умисла ќе му помогне во извршување на кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот, а може да се казни и поблаго. (Помагање член 24 (1) од КЗ).

А, како помагање во извршувањето на кривично дело според Кривичниот законик се смета: давање совети или упатства како да се изврши кривичното дело, ставање средства за располагање на сторителот за извршување на кривичното дело, отстранување на пречките за извршување на кривичното дело, како и однапред ветено прикривање на кривичното дело на сторителот, на средствата со кои е извршено кривичното дело, на трагите на кривичното дело или на предметите прибавени со кривичното дело.

  • Ако, пак, со делото е прибавена значителна имотна корист, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години, се вели во Кривичниот законик.

Од аудио снимката (15 – та бомба) што лидерот на опозицијата Зоран Заев ја презентира во минатата година, Костова наводно во неколку телефонски разговори со третоосомничениот Хаим и со првоосомничениот сега екс-  директор на ДБК Сашо Мијалков, договарала награда што, како што тврди СДСМ, ја дала НН фирма од Израел, претставувана од третоосомничениот Хаим, а ја примил првосомничениот Мијалков, за вршење на службено дејствие што не смеело да се изврши, односно за набавка на опрема од фирма од Израел по цена значително повисока од реалната, која требала да биде исплатена од Буџетот на Република Македонија . Од прислушуваните аудио снимки и од презентираните смс – пораки што ги објави лидерот Заев, била договорена провизија во висина од 540.000 евра која била исплатена на 5 април 2011 година. Потоа, наводно биле исплатени уште  200.000 евра, а 840.000 евра наводно, биле исплатени на 23 мај 2011 година од страна на НН фирма на третоосомничениот Хаим, кон НН фирма на првоосомничениот Мијалков.

ИНДИЦИИ ЗА 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ПРОВИЗИИ

Несовесното работење во службата за кое се предвидени казни во членот 353-в (1) од Кривичниот законик, а кои се наведуваат во пријавата на опозицијата како дела со кои се теретат Мијалков и Костова се  вели дека „службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. Ако, пак, споментатото дело е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Хакини, за кој СДСМ, врз основа на прислушуваните разговори, тврди дека е посредникот во сомнителната набавка, е осомничен за дело за кое во Кривичниот законик е предвидена казна од една до пет години:

  • Тој што директно или индиректно на службено лице ќе му даде, вети или ќе му понуди подарок или друга корист за него или за друг за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши или тој што посредува при ова, ќе се казни со затвор од една до пет години. (Давање поткуп Член 358 (1)).

Кривичната пријава за поткуп и за злоупотреба на службената положба на инволвираните во аферата за наводната провизија за израелската опрема социјалдемократите до Основното јавно обвинителство  ја поднесоа пред околу 11 месеци. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кога во април лани ја поднесе кривичната пријава образложи дека во текот на 2011 година, првоосомничениот Сашо Мијалков преку НН фирма примил провизија од 840.000 евра, 540.000 евра и 200.000 евра како награда за склучување договор за набавка на опрема, по значително повисока цена од реалната.

  • Со тоа Сашо Мијалков сторил кривично дело примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување. Второосомничената Светлана Костова, му помогнала на првоосомничениот и посредувала во врска со плаќањето на наградата и склучувањето на договорот за набавка на опремата. Третоосомничениот го договорил и го извршил плаќањето на наградата со што сторил кривично дело давање поткуп, изјави Шилегов.

Зоран Заев, лидерот на СДСМ кога ја објави „бомбата“ (15 – та) за баснословната провизија за набавка на  израелската опрема изјави дека станува збор за најдирекни докази за корупција:

  • Во овие аудио докази не се зборува во шифри, овде се е јасно како бел ден. Овде се зборува со точни пари, со многу нули кои завршуваат кај Сашо Мијалков.

Министертвото за внатрешни работи веднаш по објавувањето на аудио материјалот за скандалозната набавка излезе со тврдење дека станува збор за донација и најави дека ќе поднесе кривична пријава против Заев затоа што оддал државна тајна, дело за кое е предвидена казна до 10 години затвор (член 317 КЗ). Споменатата провизија, според МВР, не било поткуп, туку банкарска провизија:

  • Станува збор за донација од Израел во 2011 година, а не за набавка на опрема за прислушување која и никаде не се споменува во разговорите. Донацијата се однесува на опрема за специјалните единици. Имено, како докажан пријател на Р. Македонија, тие понудија помош и заедно проценивме дека е најдобро тоа да биде опрема за подигнување на борбената готовност на нашите специјални единици. Истите префрлија 5.557.377 евра на сметка на компанија која имаше обврска потоа да ја набави опремата. Од тие средства 4.413.330 евра беа префрлени на производителот на опремата, додека остатокот од 1.144.047 евра беа исплатени во буџетот на Р. Македонија на име на царински давачки и данок на додадена вредност. Во компанијата не остана ниту едно евро од донацијата. Опремата пристигна во специјалните единици и во моментов се употребува, (од соопштение на МВР објавено на 2 април 2015 година, еден ден по прес–конференцијата на Заев за израелската опрема.) .

 

Извор: Вистиномер