Новороденче од Гевгелија спасено на Детската клиника во Скопје

0
888

Поради немање соодветна специјалистичка опрема за третман и транспорт на критични новороденчиња во Гевгелиската Болница, спасено дете со интервенција на д-р специјалист од Детската клиника во Скопје, пренесува ГевгелијаНет.

Малиот Андон го преживеал царскиот рез изведен во средата напладне во Гинеколошкото одделение во Гевгелија, но неколку часови подоцна неговата состојба се влошила.

Неонатолошкото одделение немало соодветна опрема за транспорт на новороденчето кое итно требало да биде пренесено на Детската Клиника во Скопје. Поради таквиот недостаток во специјалистичката опрема на гевгелиската Болница, повикана е екипа од Детската Клиника од Скопје.

На повикот позитивно одговорила директорката на Клиниката д-р Софијанова, која дошла во Гевгелија истиот ден, попладне, на бадник, со специјален транспортен инкубатор за новороденчиња.

Истиот претставувал мала болница и тешко било да се однесе до малиот пациент. Д-р Софијанова откако ја увидела здравствената состојба на новороденчето, констатирала потреба истиот да се однесе до транспортниот инкубатор буквално на раце, како што изјави таа за „Канал 5“, бидејќи гевгелиската болница нема лифт, односно вон функција е со години наназад.

Малиот Андон во Детската Клиника во Скопје по стручната интервенција на тамошниот тим се стабилизирал на полноќ и сега е во стабилна здравствена состојба.