Новинарите на Вест синоќа ја блокираа крстосницата кај Владата: „Дуинг бизнис- Груевски вработи не“

0
993

Новинарите на дневниот весник „Вест“ синоќа по втор пат излегоа на протест. Тие ја  блокираа крстосницата кај Тифани во близина на зградата на владата.

Облечени се со бели маички на кои пишува „Македонија вработува“, а на други “Дуинг бизнис- Груевски вработи не“. Вечерашниов протест на вестовци е втор по оној од јуни годинава кога излегоа и протестираа пред канцелариите на менаџментот на МПМ, компанијата која го издава весникот и која е во сопственост на провладиниот тајкун Орце Камчев.

Во јуни протестираа затоа што менаџментот побарал од главниот уредник, Горан Михајловски, да даде список со имиња на 10 новинари на кои ќе им се даде отказ, а платите на другите вработени да биле намалени,затоа што МПМ бил во финансиска криза заради ненаплатени долгови меѓу кои најголем должник била владата на Груевски.

Деновиве во Вест повторно е тензично откако им е јасно дека  главниот уредник Михајловски ќе мора да си замине на 31-ви месецов затоа што му истекува договорот, а кај менаџментот немало расположение тој да остане бидејки не ја следел политиката на компанијата.

Од Вест соопштуваат дека  компанијата  СЕГА и формално распишала конкурс за главен уредник и огласот е објавен.
Тие тврдат дека менаџментот оваа функција сега му ја нудел на новинарот на Дневник, Бранко Ѓорѓевски.

Вечерашниот протест, според нив, е да алармираат дека сакаат професионално и слободно новинарство,нешто што менаџментот според нив, последниве години им го попречувал.

Главниот уредник на Вест завчера јавно кажа дека последнава година трпеле големи притисоци и дури им била сменета насловна страница по ургенција од менаџментот.

Михајловски нема намера да остане во Вест во вакви околности, кога е невозможно да ги заштити новинарите и да им обезбеди професионално работење, како порано.

Извор: Либертас