ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ОД ПРИЛЕП СО ХИЛТАТА ВЛЕГУВА ВО ГИНИС СО ПРИЈАВИ : Нова пријава против прилепскиот градоначалник Ристески

0
2144

marjanristeski

Заради незаконитост во спроведувањето и примената на Законот за социјална заштита и другите прописи во областа на социјалната заштита, адвокатот Жарко Стеваноски поднесе пријава против Општина Прилеп, градоначалникот Марјан Ристески и Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ од Прилеп, информира порталот Револуционер.

Пријавата е поднесена до Министерството за труд и социјална политика, односно до министерката Фросина Ременски и до Инспекторатот.

Пријавата се однесува на Решението за именување вршител на должност директор на ЈУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ од 08.07.2009 година, со кое градоначалникот на Општина Прилеп Марјан Ристески го назначил на таа функција Дарко Рибароски. Рибароски функцијата ВД директор на јавната установа ја извршувал непрекинато 6 години и 4 месеци, односно до ноември 2015 година.

Prijava

Согласно Законот за социјална заштита, директорот на јавната установа основана од општината го именува и разрешува градоначалникот на општината, а врз основа на јавен оглас распишан од страна на Управниот одбор на јавната установа.

Според чл.26 од Статутот на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“, пак, ако навреме не се избере директор на домот, градоначалникот избира ВД директор за период од најмногу една година.

Од документацијата која адвокатот Стеваноски ја приложи до Министерството за труд и социјална политика, може да се утврди дека спротивно на Законот за социјална заштита и Статутот на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ и без законски овластувања, повеќе од 5 години Рибароски незаконски раководел со јавната установа. Според Стеваноски, тоа јасно упатува на одговорност на градоначалникот на Општина Прилеп и на претседателот и членовите на Управниот одбор на општинската јавна установа.

Со оглед на тоа што фактичката состојба на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ покажува загуби во висина од околу 15.000.000,00 денари, потребно е да се изврши материјално-финансиско вештачење заради утврдување на вистинитоста на податоците во завршните сметки и годишните извештаи на буџетот на Општина Прилеп за периодот од јули 2010 до ноември 2015 година.

Доколку врз основа на  вонредниот инспекциски надзор се утврдат незаконитости во спроведувањето на Законот за социјална заштита или пак постојат злоупотреби кои повлекуваат кривична одговорност, тогаш Министерството за труд и социјална политика треба да поведе постапка за утврдување на кривична одговорност против одговорните лица.

Ова е трета пријава која адвокатот Жарко Стеваноски ја поднесува против прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

Извор : РеволуционерМк