Николова: Иванов треба кривично да одговара за помилувањето на осуденици!

0
1006

Постои основано сомнение дека помеѓу 174-те помилувани осуденици од страна на претседателот Ѓорге Иванов има и лица кои биле осудени за кривичните дела кои со законските измени во 2010 година, кога министер за правда беше Михајло Маневски, беа изземени од можноста за помилување – педофилија, кривични дела за секаков вид на дрога, криумчарење на мигранти како и кривични дела поврзани со изборите, вели активиската Мери Николова, која неодамна беше иницијатор за усвојување на закон за амнестија од страна на парламентот.

– Не можам да ве разберам Вас, како професор на правни науки, да не го почитувате законот?! Единствено би можела да ја разберам вашата постапка ако само сте го потпишале списокот кои ви го доставил ВМРО – ДПМНЕ, кои си даваат за право, нормално да му наредуваат на верниот слуга. Но, овој пат, налогодавачите или го заборавиле претходниот налог даден на Маневски, или заради непозната за мене причина, сакаат да ве жртвуваат, наведувајќи ве вас на кривично дело. Претседателот е должен и има морална одговорност пред целокупната македонска јавност да ги обелодени делата по кои помилуваните биле осудени – смета Никола.

Од претседателскиот кабинет и денеска реагираа на медиумските написи дека меѓу помилуваните има луѓе осудени за педофилија и за други забранеи кривична дела, оценувајќи ги ваквите написи како паушални, непроверени и правно неиздржани.

„Претседателот во извршување на оваа негова уставна ингеренција се води единствено според законите, односно одлуките за помилувањето ги носи исклучиво и согласно постапката и одредбите од Законот за помилување. Ги упатуваме медиумите добро да го прочитаат членот 1 од Законот за помилување во кој јасно и недвосмилсено се наведуваат кривичните дела за кои не може да се даде помилување. Оттука сметаме дека овие изнесени лаги и невистини имаат единствена цел да му наштетат на угледот на претседателот Иванов и да го дискредитираат неговото извршување на функцијата“, се наведува во реакцијата на кабинетот на Иванов.

Телевизијата „Телма“, која ја отвори темата за помилуваните лица на Иванов, објави дека и покрај тоа што упорно го бараат, од претседателкста вила нa Водно не го добиле списокот на помилувани лица, заедно со кривичните дела за кои се помилувани.

Мери Николова