Немало клима! Ајде де!

0
1200

На почетокот на овој милениум се случуваат значајни културолошки промени. Се менува односот кон другиот, се менува свеста за Другиот,  во позитивна смисла.

Свеста за Другиот, бидејќи „оној Другиот е секој од Нас“, во една широка рамка, е основа за инсталирање похуман амбиент.

Во тој културолошки амбиент неприфатливо е другиот – по- било- кој- основ- различен- од- нас да се анатемизира, да се зацрнува како непријател, да се отфрла како зло. Денес светот е едно глобално село, во кое сите сме испреплетени на многу начини. „Ние денес живееме во еден глобално исповрзан свет во кој биолошките, психолошките, општествените појави, како и појавите во нашата околина, се меѓусебно зависни…“(Фритјоф Капра).

Перципирање и доживување на нештата холистички и органски, како една целина e современиот светоглед. И кризата и војната што се случува на Блискиот Исток е последица на стариот,  дуалистички  светоглед  (впрочем како и сите други војни). Големите западни сили преземаат голем дел од одговорноста за оваа војна и егзодусот што се случува денес, бидејќи на проблемот не му пристапија холистички: не направија длабинска и комплексна анализа на причините за сударот на двете култури, кои сили и моќи се во игра во заднината, упростено го проектираа злото таму негде далеку од нивната територија.

Примитивизмот не е само во некои племиња, „таму негде“ кај другите, туку помалку или повеќе и во нас, другите исти,,, „цивилизираните“. Нема да биде напразна работа ако сите ние малку „се превоспитаме“ со што би придонеле за похармонична  Целина, исто као што и другите ќе придонесат со таквиот позитивен, холистички однос.

Тука ќе се надоврзам на христијанската традиција од овие простори, која веќе го содржи тоа јадро – екстрахирано искуство на “едност со другото“ или “другиот е моето огледало“.

На пример учењето на Петар Данов, кое се случува во синхроницитет со големиот духовен бран во Русија (и Азија), Европа и САД ( на американскиот континент), во втората половина на XIX и првата половина на XX век, е вистински бисер на христијанската езотерична традиција.

Основните аспекти на психички-духовното битие: љубов, светлина, едноставност, чистота, живеење во склад со природата и она што мене најмногу ме воодушевува, Сонцето кое се слави како симбол на Вистината, се екстракт-ткиво во градбата на сите сегменти на неговото учење. Тој Едноста  ја нарекува Целото: ако сме во Целото сме здрави, ако не сме во Целото се разболуваме…

“Би сакал секогаш да останете деца, не по ум, но душите да ви бидат детски; или да употребам друга една форма: душите да ви бидат нежни. Знаете ли колку е нежна човековата  душа? Во неа нема апсолутно никаква грубост…. Држете ја оваа мисла во себе ’Мојата душа е чиста’ и не се обесхрабрувајте “.

Кога душите ни се нежни, како на деца, тогаш Белото Братство е реалност,  а другиотстанува наше огледало.

„Стани огледало!“ пеел Руми.

Сепак, ако  длабоко рационално и интуитивно ги посматраме нештата, такви какви што се, (со вивека, разлучување), ќе увидеме дека, дури, колку и да достигнеме софистицирано ниво во комуникација и во разбирање на Другиот, и понатаму, за жал, во нас останува големата маса на негативна (или сирова) енергија која се напластувала во несвесното ( или е недоискреирана), за што единствен начин на третирање е преобразба.

И Љубовта не може вистински да остане со нас и во нас ако не сме ја преобразиле својата природа.

Но фактот дека сè поголем број луѓе се заложуваат за хуманоста, разбирањето на Другиот и емпатијата, и вложуваат напори во надминување на меѓучовечките бариери, е најдобар показател дека “Другиот станува еден од Нас“, што е почеток на Новата Етапа во историјата на човештвото!

Во таа смисла и во духот на еден таков светски процес што го зафаќа  човештвото денес, посебно интелегенцијата, неприфатливо е интелектуалец и уметник, да се однесува како да живее во средниот век. Неприфатливо е, денес, на почетокот на  XXI век, во своето обраќање кон неистомислениците да се искажуваат мисли како: „ кога пеколот ќе ги проголта вашите погани души“, „камшикот на нечастивиот кој во рацете на вашите демонски господари силно удира по животинските ви грбови “ и да се фрла клетва „ и затоа ве чека страшна казна, која  ќе го разнебити вашето царство, а вас ќе ве фрли во пеколот.“

Од средниот век наваму се случија многу промени во свеста на човекот, во  светската култура, со Ренесансата и Хуманизмот, потоа Просветителството, а, после сите  револуции во минатиот век кои доведоа до минуциозно следење на човековата мисла и потполна слобода во искажноста ( а можеби и баш заради тоа?), сега, ние, на почетокот на новиот милениум, да сме исполнети со омраза кон другиот и да се служиме со мрачен средновековен  јазик?

Се чини дека сè се помеша во еден голем хаос (на дискурсите), на почетокот на овој век. Но тоа така изгледа само на површината, каде што  не допира Сонцето на Срцето. Хаос и понатаму ќе владее со светот сè додека зраците на Сонцето на Срцето не го осветлат умот кој многу талка и е бескрајно збунет, постојано калкулира и не знае во кој правец да се движи, забегува лево-десно, не може да ја контролира својата алчност, или, заробен во фантазмите, бескрајно се заплеткува во сопствените сложени противречности.

Патем, некои наши интелектуалци пред некој ден се пожалија дека немале клима за да дејствуваат (да творат?) во Македонија! Се прашувам каква клима е за нив најповолна? Блага клима, сè да е комфорно и  мазно? Па нели „граничната состојба“ најстимулативно дејствува за интелектуалецот да твори, во потрагата по вистината? И оваа наша „клима“, би рекла дека, дури, е и блага  во однос на разни други многу посурови „клими“ во некои други времиња низ историјата.

Во каква поволна клима  опстојувала и дејствувала македонската интелегенција во минатиот век или во XIX век?

Или, да се сетиме како можело да заврши еден интелектуалец кој не се вклопувал во шемата на прави линии кои ги шпартал мозокот на Големиот Водач  во Русија. Ителектуалецот преку ноќ исчезнувал без трага. Му се судело по кратка постапка, а до затворите на Москва бил пренесуван во замаскирани комбиња, на кои пишувало „Мјасо“ (месо) , како што сведочи Александар Солженицин. Здрав пар чизми за „климата “ со минус 30 степени во Сибир биле најбараното добро. И тогаш,  многу од нив останувале со бодар елан и не се откажувале од своите идеи и идеали.

Од кого очекуваме да го создаде амбиентот? Од една апстрактна категорија каква што е државата? од службениците запослени во државниве институции? Од  МАНУ? Од мафијата ?

Не, интелегенцијата (во смисла, поединци, индивидуи)  ја создава климата, амбиентот во едно општество! Интелегенцијата секогаш се борела за напредни идеи, било каде и било кога низ историјата, се спротивставувала на неправди и деспотизам и најчесто мизерно живеела бидејќи не прифаќала компромис.

Немало клима! Ајде де!

Ништо од тие арагументи не се прифаќа! Разлучи ако имаш таква способност и дејствувај веднаш од Срце. Сè друго е калкулирање со ова или она.

Многу е едноставно.

Татјана Миљовска