НСДП: Извештајот на ЕУ е охрабрување за Јанева да почне со работа

0
967

Соопштение на НСДП:

Условената препорака на Република Македонија, со целосно спроведување на договорот од Пржино и спроведувањето на фер и демократски избори на 24 април, за почеток на пристапни преговори во ЕУ, практично значи целосна и отворена делигитимизација на владеењето на Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, смета НСДП.

„Вчера Брисел со Извештајот за напредокот на Република Македонија, во кој е нотиран сериозен демократски дефицит и криминално-корупциски спреги во раководењето со земјата, недвосмилено изрази висок степен на недоверба во капацитетите на владејачките структури за спроведување на фер и демократски избори и практично остана доследен во однос на Македонија во спроведувањето на својата активна политика. ЕУ на тој начин практично ја утврди траекторијата по која треба да се движи Република Македонија доколку има сериозни намери да започне преговори за полноправно членство во ЕУ“, се наведува во соопштението на НСДП.

Оттаму потсетуваат дека во Извештајот, ЕУ недосмислено ја прифатила содржината на објавените прислушувани разговори како релевантен индикатор за реалните состојби во сите оштествено-политичката сфера.

„Прифаќањето на релевантноста на содржината на ‘бомбите’ од страна ЕУ претставува директно охрабрување и конкретна порака до специјалниот јавен обвинител веднаш да почне со вршење на својата функција и непосредно пред изборите да се изведат пред лицето на правдата сите криминализирани политичари, со што пред 24 април дефинитивно секој политичар ќе мора да сфати дека криминалот и корпуцијата не можат да бидат исплатливи“, се додава во соопштението на НСДП.