Министерката Фросина Ременски поднесе 13 кривични пријави против зам. министерот Спасов и разрешените Грујови директори

0
905

Вкупно 13 кривични пријави поднесе денеска министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски, до Основното јавно обвинителство Скопје и Основните јавни обвинителства во Берово, Гостивар, Кочани, Прилеп, Радовиш, Ресен, Струмица, Штип и Битола.

– Дванаесетте кривични пријави се за 12-те разрешени директори на јавните установи за социјална заштита и уште една, трета кривична пријава за дополнителниот заменик министер Диме Спасов. Дополнително, денеска до Советот на судии на Република Македонија поднесов иницијатива за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судиите од Управниот суд кои неосновано одлучуваа по тужбите и решенијата за времени мерки по предлог на тужителот. Сметам дека постапувањето на Советот по оваа иницијатива ќе придонесе да се спречи обидот за воспоставување на судска пракса во која Управниот суд ќе постапува по слични или исти барања и предлози за времени мерки за прашања кои не се во негова надлежност, рече Ременски.

Кривичните пријави се поднесени со докази за основани сомневања за злоупотреба на службена положба и овластувања на дополнителниот заменик министер, кој со своето постапување надвор од границите на своите законски овластувања поттикнал самовластие кај разрешените директори кои спротивно на закон и неповикани презеле дејствија за враќање на право за кое тие сметаат дека им припаѓа.

– По донесувањето на решенијата за времени мерки на Управниот суд дополнителниот заменик министер како тужител неовластено ги задолжил в.д. директорите на јавните установи да постапат по решенијата на Судот, а по неговите дописи до јавните установи следеле писмени барања од разрешените директори до овластени лица на установите (В.Д директорите), во рок од 24 часа да извршат примопредавање на сите материјално-технички средства, штембилите и печатите на установата. Дел од овие дејствија на разрешените директори се најдоа во билтените на полициските станици, рече Ременски.

Ставајќи се над законот и над Судот, додаде таа, надвор од сите постапки кои се уште се водат пред институциите и не произвеле правосилност на одлуките, дополнителниот заменик министер и разрешените директори постапија спротивно на нивните права и обврски да го почитуваат законот и по којзнае уште еднаш потврдија дека партиската координација и одлука е поважна и од почитување на законите и институциите на системот.

– Ваквото постапување на директорите кои беа разрешени зошто не ја исполнија својата пропуштена законска обврска да го потпишат менаџерскиот договор и непостапувањето на дополнителниот заменик министер по неговата законска обврска не може да биде озаконето со решенијата за времени мерки на Управниот суд. Нема да дозволиме институциите и Судот со правото да го штитат неправото и незаконското работење, рече Ременски.