Македонија изгуби 5 предмети во Стразбур, на петмина судии за нивното разрешување треба да им исплати над 20 илјади

0
1578

Македонија изгуби 5 предмети во Стразбур и треба да им надомести на петмина судии за нивното разрешување над 20 илјади евра како нематеријална штета, плус трошоци за постапката и за адвокати.

Судот во Стразбур денеска ги објави пресудите на Виолета Дума, Славица Попчевска, Мирослав Трифуновски, Гоце Јакшоски и Иво Попоски против Република Македонија каде што оценил дека е повреден членот 6 од Конвенцијата, право на судење пред непсристрасен суд и ја задолжи државата секому да му исплати штета.

Во пресудата, судот во Стразбур констатира дека постапките пред Судскиот совет кои биле иницирани од тогашниот министер за правда Михајло Маневски или од членови на Судскиот совет, завршиле со постапки спротивни на Европската конвенција и ги упатува македонските судии да бараат дополнителна штета со тужба во Македонија.

Ова е шеста пресуда на Стразбур, вклучувајќи ја и пресудата на Јордан Митриновски, каде што Европскиот суд констатира дека сите разрешувања во време додека министер за правда е Михајло Маневски, а донесени од Судскиот совет се незаконски.

Славица Попчевска беше разрешена за случајот „Бачило“, Виолета Дума и Владо Џилвиџиев како судии на Апелација затоа што не му го промениле идентитетот на некој кој бил осуден под лажно име, Мирослав Трифуновски од Тетово затоа што не излегол на лица место на увид за давањето на новинарот од Кичево Владо Танески во тетовскиот затвор.

Иво Попоски и Гоце Јакшоски беа судии на судот во Охрид, во време кога се разрешени од функциите, а претходно Јакшоски бил и претседател на судот во Дебар.

„Се покажа дека имало правда и таа стигна на еден убав ден, на Христовото раѓање. Но, дали ќе одговараат сега тие кои ми ја иницираа постапките и ме разрешија во Судскиот совет без да ги земат во вид моите аргументие“ – вели Виолета Дума, која најавува дека ќе бара и дополнителна штета во земјава на што ја упатуваат судиите од Стразбур.

Македонската судијка во Стразбур Мирјана Лазарова – Трајковска побарала да биде изземена од одлучувањето на овие постапки. На нејзино место беше назначена хрватската судијка во Стразбур, Ксенија Турковиќ.

Судот во Стразбур не ги прифатил аргументите на Владата.

Саше Димовски