МИМ: Медиумските слободи „зауздани“ со јавни пари

0
1289

Финансиската „поддршка“ на медиумите со буџетски средства им е добро познат модел на сите власти во Македонија во изминативе години. Резултатите од неговата експлицитна злоупотреба се особено видливи на медиумскиот пазар во последниве години, стои во новиот извештај на Македонскиот институт за медиуми.

„Со буџетска поддршка, Владата го помага одржувањето во живот, но и подемот на многу медиуми на национално и на регионално ниво, создавајќи нелојална конкуренција и нарушувајќи го економскиот баланс на медиумскиот пазар. На тој начин, се создава поширока мрежа на поддржувачки медиуми со кои се колонизира медиумската сфера од страна на политичките групи заради ширење политичка пропаганда.

Многу медиуми, а особено националните телевизии, беа корисници на средствата кои доаѓаа од државното рекламирање. Распределувањето на овие средства не може да се објасни со ниту една економска логика, освен со онаа дека тие претставуваат финансиска инфузија за подобните медиуми. Дополнително државата ги субвенционира петте национални комерцијални телевизии, во износ од максимум 50 отсто од вкупните трошоци за производство на филмска и документарна програма. Во 2014 година, по овој основ на националните телевизии им биле доделени субвенции во износ од околу 530.000 евра.

Моделот на финансирање на јавниот сервис, пак, што беше изграден изминативе две децении под силно влијание на владејачките гарнитури, придонесе кон рушење на институционалната автономија и директна финансиска зависност од државниот Буџет. МРТ наместо да функционира во интерес на граѓаните, прерасна во медиум на системот на власт, кој често државните интереси ги сместуваше пред јавните“, стои во истражувањето на МИМ.

Целосниот извештај, заедно со клучните заклучоци и препораки од истражувањето за финансиските односи меѓу државата и медиумите во Македонија, спроведедено од страна на Македонскиот институт за медиуми, а во рамки на проектот „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа“ на следниот линк ОВДЕ.