„Лице в лице“ и Македонија дел од глобалната Недела на продавачи на уличен печат

0
1426

Скопје и градовите во Македонија каде што се продава уличното  списание  „Лице в лице“, од денеска до 7 февруари по четвртти пат ќе им се придружат на градови од 35 земји во светот кои ќе ја одбележат работата на продавачите на уличен печат.

Станува збор за годишен настан, кој се одржува во првата недела во февруари, а целта е да се слави работата на продавачите на 114 улични списанија и весници и да се поттикне јавноста да размислува за предизвиците и проблемите со кои тие се соочуваат, како бездомништво, социјална исклученост, сиромаштија.

Активностите од Недела на продавачи на уличен печат се одвиваат во градовите во кои излегуваат улични изданија кои се членки на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов.

Во текот на неделава сите пријатели на платформата за активизам и на истоименото улично списание ќе имаат можност да се дружат со продавачите на „Лице в лице“ и да им дадат поддршка со тоа што ќе си го набават актуелниот број.
Продавачите на своите поддржувачи ќе им понудат и избор разгледници од нашата земја, кои ќе можат да ги испратат до своите пријатели ширум светот и да ги запознаат со убавата страна на Македонија.
Фотографиите се дело на Томислав Георгиев, Роберт Атанасовски, Михајло Димоски и Георги Равански, со мотиви од природните убавини на земјава.

Исто така, во текот на Меѓународната недела на улични продавачи, на интернет страницата на „Лице в лице“ и на социјалните мрежи ќе бидат споделувани приказни за најуспешните продавачи на списанието, како и нивни фотографии со поттикнувачки/мотивирачки слогани.

Освен со поддршка на продавачите, кои ќе бидат на повеќе нивни омилени локации (во Дебар Маало, на плоштадот Македонија, на влезот на ГТЦ), каде ќе ги понудат списанијата и разгледниците,  јавноста може да се вклучи во одбележувањето на овој глобален настан и преку он лајн кампањата постирајќи содржини или фотографии на оваа тема користејќи хаштаг:  #VendorWeek и #ЛицеВлице.

Неделата на продавачи на уличен печат ќе ја прослават близу 11.000 продавачи, и тоа преку најразлични иницијативи и активности во кои се вклучуваат и многу јавни личности од најразлични области: политичари, актери, музичари, новинари…

Во целиот свет, илјадници бездомници, невработени и ранливи луѓе ја преземат контролата врз своите животи преку продажбата на улични весници и списанија, со тоа што си овозможуваат легитимен приход. Во 35 земји, мрежата на ИНСП, нуди поддршка и надеж за луѓето кои се соочени со бездомништво, сиромаштија и социјална исклученост.

„Лице в лице“ е улично списание кое што го продаваат припадници на маргинализирани групи, при што половина од продажната цена оди директно за продавачот, а втората половина се користи за развој на програми во кои што се вклучени овие лица.