Коцијанчич: Хан доаѓа за да дискутира за имплементацијата на договорот кој е екстремно важен за земјата

0
845

Портпаролката на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, Маја Коцијанчич, денеска потврди дека Хан ќе ја посети Република Македонија во средината на овој месец. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Коцијанчич потврди дека посетата на еврокомесарот за преговори за проширување на македонската држава е за да дискутира за имплементацијата на политичкиот договор од јуни/јули 2015 година, што според неговата портпаролка е „екстремно важно за земјата”.

– Нема промена кога станува збор за намерата на комесарот Хан да ја посети БЈР Македонија. Очекуваме посетата да се случи во средината на јануари. Откако сите детали ќе бидат потврдени, ние јавно ќе ја објавиме посетата. Како што знаете, интенцијата е да се дискутира за имплементацијата на политичкиот договор од јуни/јули минатата година, бидејќи ова е екстремно важно за земјата, истакна Маја Коцијанчич.

Со оваа најава од гласноговорничката на Еврокомисијата се имплицира дека Хан ќе ја посети Македонија на 15 јануари, денот кога ќе треба да се избере техничката Влада на чело со нов премиер чија единствена задача ќе биде спроведување на предвремените парламентарни избори на 24 април оваа година. Претходно, тројцата европратеници Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл доаѓаат в понеделник (11 јануари).