Специјалното јавно обвинителство побарало од Министерството за внатрешни работи на институцијата да и бидат доделени телохранители кои ќе работат и на лично обезбедување на јавните обвинители, инфорира Плусинфо
Ова барање доаѓа по вчерашниот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во еден дел беше посветен и на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева: „Оваа лекција ќе помине многу долго време, пред на некој политичар му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, Чауши, Ванхојтовци, Катици и со продавачи на магла на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град“.
„Како Јавно обвинителство сме сериозно загрижени, поради што ова Јавно обвинителство одлучи да ги зголеми мерките за безбедност. Во оваа насока појаснуваме дека од страна на Министерството за внатрешни работи побарано е да бидат доделени на работа на ова Јавно обвинителство лица кои ќе работат и на лично обезбедување на јавните обвинители“, велат од Обвинителството за Плусинфо.