Интервју со Заев: Груевски ја нокаутира Македонија, граѓаните ќе го нокаутираат него!

0
1075

Ви го пренесуваме интервјуто на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за весникот Слободен печат:

Слободен печат: Господине Заев, во последното интервју премиерот пред заминување Никола Груевски ви порача дека ви претстои финалниот удар, правејќи споредба со боксерски меч. Со каков гард го очекувате најавениот „последен удар“ од човекот кој се споредува со Мохамед Али?

Заев: Во рингот на Никола Груевски од една страна се тој и фамилијата, а од другата страна се граѓаните и државата. Со погрешните, криминални политики изминатите 10 години во тој ринг Никола Груевски ја нокаутираше Македонија.Резултатот од тој нокаут се сиромашни или емигрирани граѓани, урнисана економија, постојано задолжување и доведување на земјата пред банкрот, да не може да исплати плати,  пензии, социјална помош…

Резулатот од тој нокаут се 180 илјади граѓани во Македонија да живеат со по 40 денари на ден, над 500 илјади граѓани да живеат на работ на сиромштијата, секоја трета фирма да биде со блокирана сметка, над 10 илјади фирми да бидат затворени.Резултат на тој нокаут се 626.312 иселени граѓани од земјава, пред се млади, образовани луѓе, според извештаи од Светката банка.Конечно, резултат на тој нокаут се 1.350 смртни случаи годишно поради загаден воздух, урнато здравство, и целосна негрижа за здравјето на граѓаните.

Се тоа, додека фамилијата на Груевски, братучедот Мијалков и кумот Ставрески водеше фамилијарен бизнис и се богатеше…

Слободен печат: Ако политиката навистина е боксерски меч, како што ја доживува вашиот конкурент Груевски, ви пречи ли што тој ниту еднаш досега не се нашол во ринг со вас, ниту со Зоран Заев, ниту со вашите претходници. Едноставно го нема на дуели. Каде боксува Груевски?

Заев: Мислам дека благодарение на „Вистината за Македонија“ целата јавност виде каде и како боксува Груевски. Тој не смее да се појави ни во квалификациски натпревар, тој нема храброст ниту да се соочи со вистината за битките што ги изгубил и нокаутите што и ги нанел на Македонија заради свои мафијашки цели. Затоа избегнуваат да се појават пред Анкетната комисија за прислушкувањето и грчевито се борат седниците да бидат затворени за јавност, во страв од соочување со граѓаните за вистината за нивното криминално, коруптивно владеењекое. Се плашат од вистината затоа што вистината е болна овие 10 години.

Слободен печат: Добро, но чувте, причина за недоаѓањето е здравствена. Прочитавте веројатано дека Груевски освен имал проблем со синусите и мала настинка…

Заев: Не сум изненаден што Груевски постојано сака да зборува за себе а не за граѓаните.Зошто Груевски не зборува за здравјето на граѓаните?Односно зошто зборува за личното здравје а не за здравството во Македонија? Затоа што поради бизнис-тендерските политики на Груевски и фамилијата здравјето на граѓаните во Македонија е сериозно загрозено.

Не само што граѓаните се гушат во нечист воздух, Македонија сега е на последното место во Европа по здравствени услуги, и тоа според Европската служба за здравствена заштита. Недостасува лекарски кадар во земјава,најдобрите лекари масовно заминуваат. Дури 200 лекари годишно се иселуваат од Македонија.

Нема квалитетни лекови, нема медицински материјали, нема опрема по болниците. Според најновите демографски студии смртноста на новороденчињата во Македонија е фрапантни 14 на 1.000 живородени. Тоа е поразителен податок кој остава мачнина.

630 милиони евра Груевски потроши на споменици, а луѓе, бебиња, родилки умираат по болниците, граѓаните дишат отров наместо воздух…катастрофа.

Слободен печат: На таквите обвинувања обично добивате контрапрашања што СДСМ направило за здравството, за воздухот, и така натаму. Исто така од спротивниот табор велат и дека немате конкретни решенија, туку само напаѓате.

Заев: СДСМ има решенија како да ги промени катастрофалните состојби во здравството и да обезбеди квалитетно здравство во интерес на граѓаните.Новата влада на СДСМ ќе обезбеди квалитетно, достапно здравство за сите граѓани, со достоинствени лекари.

Така што синусите ќе бидат најмал проблем за Никола Груевски. Она што гледам дека сериозно го загрижува е одговорноста за целокупното коруптивно владење во изминатите години што им украде на граѓаните 10 години од нивниот живот.

Слободен печат: Добро да се вратиме на преговорите. Сакам да ве прашам едно многу кратко прашање: Жив е или мртов договорот од Пржино?

Заев: Факт е дека преговарачкиот процес е во застој. И факт е дека СДСМ нема никако да прифати договор заради договор. Тоа не е опција. На Македонија и е неопходен беспрекорен предизборен и изборен процес. Да не заборавиме, Македонија токму поради криминални избори е во вонредна состојба. Затоа се случи Пржино. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ нема да избегаат од договорот од Пржино. Во Македонија нема да се случат уште едни криминални избори.

Слободен печат: Која е вашата оценка по еден месец партиципирање во власта?

Заев: Веднаш стана јасно дека застапеноста на СДСМ во клучните ресори е во интерес на граѓаните и во функција на спречување на злоупотребите во институциите што се случуваа во изминатите 10 години, особено пред и за време на избори.

Се чувствува  дека постепено ја враќаме контролата во рацете на граѓаните, се чувствува и првична релаксираност, ослободување од одредени притисоци внатре, во институциите, се чувствува грижата за интересите на државата.

Преку проектот „Вистината за Македонија“ јавноста дозна за поклопеноста на државата од партијата, за злоупотребите на државните институции во партиски цели, изборниот криминал, уцените на граѓаните да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.Јавноста дозна дека Министерството за внатрешни работи функционирало како штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Како се злоупотребувала оваа важна институција само за партискиот интерес, особено за време на избори, како професионалците во МВР биле потиснати во интерес на партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Директно посочивме злоупотреби во однос на незаконски обезбедувања и користење на службени возила во МВР.

Јасно е, нема веќе ВМРО-МВРО. Се работи по Закон и Устав. Секој што се огрешил пред законот ќе одговара.

Слободен печат: Јавноста очекуваше да откриете и поголеми злоупотреби од користење службено возило.

Заев: Во Министерството за земјоделство откривме директни злоупотреби со државно земјиште, субвенции, оштети, на директна штета на земјоделците, на граѓаните, за што повикавме и на одговорност.Останува неодговорено прашањето дали малверзациите и злоупотребите со земјоделските субвенции и земјоделското земјиште се случувало со знаење и амин лично на Никола Груевски.

Во Министерството за труд и социјална политика откривме дека на граѓаните не им било одговарано во законскиот рок од 60 дена за остварување на правото за социјална заштита. Од септември 2014 година до септември 2015 година бројот на домаќинства кои примаат социјална парична помош се намалил за 6.603 домаќинства, што е огромна бројка. Дополнително, поранешниот министер од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не постапувал по жалбите на 1.400 семејства коишто го изгубиле правото на социјална помош, со што незаконски се поигрувало со судбината на овие луѓе.

Слободен печат: Дали најголем успех изминатите месец дена практично ви е ветото на Кире Наумов?

Заев: Груевски и кумот Ставрески јавно признаа дека ја доведоа државата во ситуација да мора да се задолжува за да исплаќа плати и пензии, пред банкрот.СДСМ ги заштити интересите на граѓаните и го преполовивме задолжувањето со еврообврзницата. Спречивме банкрот на државата, но, не дозволивме ниту да се загрози исплатата на плати и пензии.

Преку дополнителниот заменик-министер за финансии и со јавна реакција, на прес-конференција,се спротивставивме на дополнително задолжување на граѓаните од 100 милиони евра и постојаната злоупотреба на средствата за изборна корупција.

Не дозволивме расипничките политики на премиерот во заминување, Никола Груевски, и неговиот кум Зоран Ставрески, кои го хранат само бизнисот на фамилијата, да се натовари на идните генерации.

Покрај секојдневните опструкции од страна на партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ голема помош имаме од професионалците во институциите на коишто на прво место им е Република Македонија.

Ние ќе продолжиме да работиме одговорно и транспарентно во интерес на сите граѓани на Република Македонија и во интерес на иднинте генерации.

На 24-ти април, оценката ќе ја дадат граѓаните.

Слободен печат: Дали СДСМ и Фокус се наместени во аферата со лажните лични карти? Не мислите ли дека оние фалц-документи што се навистина употребени се веќе уништени, а овие се лажниот мамец?

Заев: Истрагата ја води Јавното обвинителство согласно законските прописи. Најважно е да има квалитетна истрага којашто ќе ги даде сите одговори.Основното јавно обвинителство – Скопје како надлежно обвинителство согласно законската регулатива, соопшти дека оформило предмет за настанот со фалсификувани лични карти.

За жал, водејќи се од партиските а не од државните интереси, заменик-министерот за внатрешни работи, Чавков, избрза со несоодветни коментари на се уште незавршена истрага за кои Основното јавно обвинителство посочи дека се спротивни на Законот за кривична постапка.

Злоупотреби со лични карти граѓаните слушнаа и во рамки на проектот „Вистината за Македонија“. Јас не знам детали од истрагата, но верувам во една реченица која ќе го следи Груевски како негово проклетство и пророштво – а тоа е дека вистината е како шило и дека кога тогаш ќе избие на површина. Ќе видиме дали и кога во ВМРО-ДПМНЕ ќе станат свесни дека обвинителите и истражителите им се влезени во вистинска трага ќе држат прес-конференции или ќе ги фатат синуси и настинки.

Јас очекувам се да се истражи согласно законите и јавноста навремено да ги добие сите одговори, а оние коишто го прекршиле законот да одговараат.

Слободен печат: Некако останаа недореченисти и околу настаните во Куманово. За тоа и вие лично придонесовте со вашите контрадикторни изјави. Кои се луѓето кои војуваа два дена со полицијата и дали наши разузнавачки и политички фактори се вмешани во планирањето и реализацијата на судирот?

Заев: Јавноста знае дека во одредени странски медиуми се објавија информации за вмешаност на високи владини функцинери во настаните во Куманово, каде што за жал загинаа осум припадници на безбедносните. Одговорите треба да ги даде професионална и темелна истрага.Наскоро, јавноста ќе ги добие сите одговори.

Слободен печат: Во меѓувреме, медиумската машинерија на власта буквално го меле СДСМ. Преговорите за медиумите се во ќорсокак, а министрите и замениците министри од вашата партија речиси секојдневно се на тапет на провладините медиуми. Што и да сработиле добро за граѓаните, тоа до јавноста ќе дојде претходно проџвакано од пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев: Видете, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се соочуваат со страв од заминување од власта и нервозата кај нив е голема. Во медиумите под нивна контрола имаат не само свои послушници, туку и свои соучесници. Треба со некои од нив заедно да понесат одговорност за криминалното владеење и да дадат сметка пред граѓаните. Затоа, свесни сме, допрва ќе се изнагледаме мрачни, црни кампањи.

Но, тоа не е од пред еден месец. ВМРО-ДПМНЕ години наназад води перманентна медиумска хајка не само против првите луѓе на СДСМ туку и против сите слободни граѓани кои сакаат да зборуваат за вистината. Секогаш тие медиумски хајки се полни само со лаги и измислици коишто немаат никаква врска со реалноста. Сега нервозата расте, а со тоа расте и стравот кај власта.

Еве и деновиве сте сведоци на една нарачана, мрачна, гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ со којашто сакаат да ја втурнат Македонија во една црна дупка на постојани конфликти и поделби меѓу граѓаните. За ова кампања СДСМ ќе превземе одредени законски чекори,  но она што е важно е дека целта на власта е прочитана од граѓаните и однапред е осудена на неуспех.

Прво, затоа што сите граѓани во Македонија знаат за лажниот, виртуелен патриотизам на Никола Груевски. Проектот „Вистината за Македонија“ покажа дека лажниот патриот Никола Груевски и неговиот братучед, Сашо Мијалков, тајно се пазареле и преговарале за промена на името на државата, со контраверзниот грчки бизнисмен Маноли.

Второ, не може со црни и мрачни кампањи да се намали волјата на граѓаните за промени и нивната желба за подобар живот. Црните кампањи нема да ги наполнат празните фрижидери и празните џебови на граѓаните. Сите граѓани во Македонија се обединети околу една идеја: збогум на криминалот и корупцијата! Тука ниту една црна кампања на премиерот во заминување не може да му помогне. Македонија бара промени и тие промени ќе се случат на 24-ти април.

Слободен печат: Кога ги споменувате изборите, факт е дека се уште не се исполнети сите точки од Договорот од Пржино, се пробиваат роковите, се уште нема избор на членови на ДИК, не за завршени обврските во делот на медиумите…

Заев: СДСМ бараше предвремени фер, демократски и регуларни избори. Избори ќе има, останува да се имплементираат сите критеруми согласно Договорот од Пржино.

СДСМ бараше преодна, техничка влада за да може да се нормализираат и да се демократизираат институциите за да се создадат минимум услови за одржување на слободни фер и демократски избори. Преодна влада има, граѓаните ја очекуваат оставката од Никола Груевски.

Без резултат и без идеи, грогираниот боксер Никола Груевски бега од слободни, фер и демократски избори. Затоа ВМРО-ДПМНЕ применува тактика на постојано одолговлекување и непочитување на Договорот.

Во ДИК за ВМРО-ДПМНЕ проблем се независните експерти затоа што оваа партија знае да функционира само со партиски послушници. Но, сега не зборуваме само за партиски ставови туку за почитување на европски стандарди.

Медиумите мора да ги ослободиме од синџирот на Никола Груевски, од нарачаните вести и медиумски хајки кои немаат никаква врска со вистинината или реалноста.

Груевски и фамилијата се исплашени затоа што средувањето на состојбите во медиумите, ќе значи крај за виртуелните инвестиции, виртуелните работни места, виртуелни политики.Професионалните и етичките новинарски стандарди подразбираат непристристрасно, објективно, транспарентно и навремено информирање на граѓаните. Е токму од тоа се испаничени куририте и Груевски.

Јавноста се увери дека уредникот Груевски дури и во инервјуата што ги пласираат медиумските курири,како што вели самиот е „фатен неспремен“ за прашања.

Каков цинизам.

На Македонија и се неопходни слободни, фер, демократски и регуларни избори. Значи не избори заради избори, туку беспрекорен предизборен и изборен процес.Само целосно спроведување на Договорот од 2-ри јуни/15 јули, во што побрз временски рок, може да создаде минимум услови за нормализација на државата и спроведување на слободни, фер и демократски избори.

Добро е што Европската унија и целата меѓународна заедница застана зад граѓаните и интересот на Република Македонија.Без исполнување на сите критериуми од Договорот од Пржино не можеме да говориме за регуларни избори.

Слободен печат: Често пати го споменавате „Скопје 2014“ како нејбезочно трошење народни пари не за потребите на народот, туку за милионските инвестиции во споменици и во кич. Ете Груевски најави дека проектот завршува во 2016 година, но и не повика да не се грижиме, Скопје немало да му го земе приматот на Охрид во туризмот.

Заев: Груевски може само да ја најави својата оставка која се очекува во наредните денови. Се друго е нереално и дел од неговиот виртуелен свет во којшто живее. Реалноста е сосема поинаква. Се сеќавате, Груевски кога го најавуваше овој проект рече дека ќе чини околу 80 милиони евра. А, според досега достапните официјални документи потрошени се над 630 милиони евра и сумата постојано расте. Нема да не изненади доколку по ревизија на сите анекси и скриени договори сумата стигне и до една милјарда евра. Да потрошите 630 милиони евра за споменици а за период од 10 години да не изградите ниту еден студетски дом е безобразие и потценување на студетнтите, на младите, на иднината на оваа држава.

Единствени реални инвестиции на Никола Груевски се тендерите за споменици, плацевите на Водно, мерцедесот од 600 илјади евра, очилата од 60 илјади долари.

Го слушнавме Груевски како во Собранието призна дека ги потрошил парите за мерцедес и како неуспешно се правда дека наводно мерцедесот бил за високи гости. Какво наивно лицемерие и потценување на сопствените граѓани. Па од проектот „Вистината за Македонија“ граѓаните дознаа како Никола Груевски самиот го нарачува, „она на м“, да биде „фул“, „со масажери“ и дека многу му е битно „екрани назад“ за, како што самиот Груевски рече, кога се вози “со маливе“.

Слободен печат: Има ли СДСМ одговор на проблемите? Груевски, како по учебник за политички маркетинг, заедно со негативната кампања паралелно почна и позитивна кампања, снима граѓани на кои премиерот лично им решил некој, понекогаш дури и најбанален, проблем.

Заев: Утре СДСМ ќе одржи програмски Конгрес на кој ќе ја утврдиме Програмата што ја пишувавме заедно со граѓаните.Додека премиерот во заминување, Никола Груевски, предизборно се расфрла со виртуелни, нереални инвестиции, во реалноста ниту има странски инвестиции, ниту има нови работни места.

Корупцијата во изминатите 10 години однесе многу работни места и избрка многу потенцијални инвеститори.Според официјалните податоци на Народна банка, во третиот квартал од оваа година во Македонија влегле само околу 8,5 милиони евра странски инвестиции. Не само што нема инвестиции, Груевски и фамилијата ја доведоа Македонија во ситуација да мора да се задолжува за да исплати пензии и плати, ја доведоа држвата пред банкрот. Со тоа признаа пораз на сите погрешни економски политики во изминатите 10 години.

Слободен печат: Повторно зборуваме за проблемите, ве прашувам за решенијата…

Заев: СДСМ има решенија за проблемите, има платформа којашто ја пишувавме заедно со граѓаните и од којашто ќе произлезе идната програма за подобра, слободна, демократска и европска Македонија.Заедно со граѓаните, ќе се избориме против корупцијата. Ќе се избориме за младите да имаат иднина дома, во сопствената држава.

Ќе се избориме за враќање на европските вредноси во нашата татковина и враќање на Македонија на европскиот пат. Ќе градиме општество на еднакви и достоинствени граѓани, едно општество за сите.По 24-ти април, доаѓа подобра, светла иднина за Репиблика Македонија.

Слободен печат: Но, ова свучи премногу декларативно.

Заев: Не, овие декларации се преточени во многу конкретни мерки и решенија. Програмата ќе биде достапна за секој граѓанин и секој ќе може да се увери дека таа е компактна визија за една поинаква Македонија, а не само список на декларации. Што се однесува до мерките и решенијата, ВМРО-ДПМНЕ самата се фати во стапица со лагата дека СДСМ не нудел конкретни решенија, а во паниката од поразот што ги чека буквално почнаа да преземаат наши решенија што претходно дури и ги критикувале, како тоа со бесплатнот превоз за студенти и средношколци.